Интернетот нашироко зборува за тродимензионалниот аватар на наводно новиот виртуелен асистент на Samsung. Аватарот е соодветно именуван како Sam т.е. Сем, скратено од Samantha т.е. Саманта.
Сем постоел како официјален лик на Samsung, но само во дводимензионална форма, меѓутоа со додавањето на третата димензија, фигурата добива поголем реализам и длабочина во изгледот.
Работните слики од тродимензионалниот модел беа објавени од страна на графичкото студио Lightfarm Studion, кои наводно биле ангажирани од маркетинг агенцијата Cheil за потребите на Samsung. Според студиото, за изработката на Сем биле користени софтверите Adobe Photoshop, Adobe After Effects, SideFX Houdini, Marvelous Designer и Blender 3D.
Сепак, набргу по објавувањето, сликите биле избришани од страна на студиото. Не се знае дали се работи за недовршен проект кој е сé уште во фаза на доработка или пак претставува остаток од некој претходен проект кој никогаш не требало да се појави во јавноста. Но, знаејќи како функционира интернетот, тридимензионалниот аватар се прошири насекаде.
Доколку навистина се работи за недовршен проект кој следи, Сем би можела да се јави како придружничка во постоечкиот виртуелен асистент на Samsung познат како Bixby, или пак ќе претставува сосем нов виртуелен асистент кој ќе го замени Bixby.