Во својот нов рекламен спот насловен “On the Fence” („на оградата“, во преносно значење „неодлучност“), Јужнокорејскиот технолошки гигант Samsung го „задева“ својот американски конкурент Apple затоа што заостанува во „трката“ за уреди на преклопување и ги остава своите корисници да ја чекаат новата технологија.
Рекламата почнува со сцена во која еден потрошувач во замислена продавница на Apple се качува на ограда за да види што има во соседната продавница на Samsung. Еден од ликовите кој ја игра улогата на продавач во продавницата на Apple го предупредува потрошувачот дека „не смее да стои на оградата“.
Но, потрошувачот на ваквата забелешка одговара дека „на страната на Samsung имаат телефони на преклопување и епски камери“. Тоа го предизвикува вниманието и на другите потрошувачи во продавницата. Збунетиот продавач вели: „Чекаме сето тоа да дојде тука“. Но, потрошувачот враќа со реторичко прашање: „Зошто да чекаме кога сето тоа веќе го има таму?“ – „Затоа што тоа го правиме. Чекаме.“ – заклучува продавачот.
Пораката на рекламата на Samsung е јасна: немојте да чекате нешто што веќе лесно можете да го добиете на друго место.
Samsung го лансираше својот прв уред на преклопување Galaxy Fold уште во 2019 година, додека пак Apple планира да го лансира својот прв уред на преклопување во 2024 година.