Брендот на спортска опрема Adidas ја претстави најновата глобална кампања за култниот модел патики „Superstar“, дел од колекцијата „Originals“, овојпат со славниот актер Семјуел Л. Џексон како главен лик и наратор. Кампањата има за цел да ја зацврсти културната релевантност на моделот што со децении е симбол на оригиналност и автентичност.
Промотивната кампања започна оваа недела со краткиот филм насловен „Pyramids“, кој преку апстрактни визуелни сцени и нарација раскажува за поими како времето, влијанието и наследството. Џексон, со препознатливиот глас, ги опишува патиките Superstar како „создадени да траат“ и „изградени да останат незаборавни“.
Од Adidas велат дека Џексон претставува „вистинска дефиниција за оригинална икона“, со кариера што е „смела, непоколеблива и длабоко вкоренета во културата“. Токму затоа тој е избран како заштитно лице на кампањата, во функција на олицетворение на долготрајното културно влијание на моделот „Superstar“.
„Superstar отсекогаш биле повеќе од патики. Тие се симбол на оригиналност и поттик за културни промени,“ посочува Ени Берет, потпретседателка за маркетинг во Adidas Originals. Таа додаде дека кампањата има за цел да го претстави моделот како повеќеслоен симбол, кој го надминува светот на модата и спортот.
Кампањата ќе продолжи со претставување на дополнителни бренд-амбасадори за кои Adidas вели дека ќе ја претставуваат „новата генерација Оригинали“.
Моделот „Superstar“ за првпат беше лансиран кон крајот на 1960-тите како кошаркарска патика, но со текот на времето се етаблираше како модна икона и препознатлив дел од музичката сцена. Оваа нова кампања го продолжува тој пристап, користејќи познати личности и филмска продукција за да ја реафирмира приказната за брендот пред современата публика.