Сашо Димитриевски, партнер и член на управниот одбор на групацијата Pristop, ќе го добие признанието и професионалната награда за „Огласувачка личност на годината“ на 34-то издание на Словенечкиот огласувачки фестивал, кој ќе се одржи на 15 и 16 мај во Порторож, Словенија.
Од Словенечката огласувачка комора (SOZ), кои се организатори на фестивалот, истакнуваат дека со текот на годините, придонесот на Сашо во развојот на маркетинг професијата и примената на дигиталните технологии ги надминува границите на Словенија и го позиционира како почитуван експерт во регионот. Неговата визија, креативност, иновативност и стратешки пристап несомнено го ставаат меѓу клучните фигури во словенечкиот огласувачки простор.
„Покрај професионалните достигнувања, Сашо е и популарен говорник, жирирач и предавач, а во рамките на групацијата Pristop е ментор на помладите генерации, а со тоа дополнително придонесува за развојот на индустријата“ – додаваат од SOZ.
„Ние сме во адвертајзинг-маркетинг-консултантски бизнис и, драги мои, сфаќам дека сè уште е „жешко и секси“. Да, различно од озлогласената серија Mad Men, но сепак. Околностите се менуваат, има повеќе можности, уште повеќе синергии, можностите се бескрајни. Во однос на кариерата, што повеќе би сакал од тоа да бидам составен дел од екосистем кој практично ја лансираше дигиталната трансформација и дигиталната интеграција! Систем каде што постојано се менуваат „марчтех“ и вештачката интелигенција, живеејќи со постојани промени во социолошкото однесување и искуство поради широк спектар на нови комуникациски гаџети и содржини, каде што можете истовремено да развивате и да обезбедите раст на вредноста на многу брендови“ – изјави Сашо Димитриевски по објавувањето на наградата.
Наградата ќе му биде врачена на 15 мај 2025 година на „Златната ноќ“ на Словенечкиот огласувачки фестивал, со поддршка на партнерите од RADO.