Речиси секој се нашол во ситуација која го натерала да се подзамисли дали е добро да се биде искрен, или пак да се сокрие вистината. Тоа се одлуки на кои некогаш треба да се одлучи и во име на компанијата, превземајќи ја одговорноста за иднината на илјадници луѓе. Изборот секако зависи од самиот човек, од неговиот систем на вредности, од неговата перцепција за бенефитот или штетноста на секој избор, од неговото искуство, мудрост или пак на крај од неговата интуиција.
Прашањето дали да се каже вистината или да се премолчи е и најчестиот предизвик пред кој веќе со децении се наоѓа професијата „Односи со јавноста“. За тоа што е правилно, а што не, нема консензус во фелата, ниту пак некогаш ќе го има, тоа е нешто што е индивидуaлна одлука и најверојатно така и ќе остане, a и понатаму сме сведоци на различни одлуки од различни професионалци за односи со јавноста.
Од професионален аспект, експертите за односи со јавноста, имаат обврска да ги застапуваат интересите на компаниите кои ги ангажирале. И тука, секогаш ќе се поставува прашањето, колку може да се биде етичен кога се штити една страна! И токму затоа, што и не е толку ретко професионалците за односи со јавноста се сметаат за манипулатори на јавното мислење и субјективни застапувачи на една страна, наместо пренесувачи на вистината. „Лекарите треба да работат во корист на пациентите, а не на нивна штета“ има кажано Хипократ уште пред 2500 години. Исто така и професионалците за односи со јавност треба да работат во корист на клиентите, а не на нивна штета!
Но ако еднаш нешто сокриете, и тоа се обзнани во јавноста, луѓето ќе ја изгубат довербата во вас, а Вие ќе го изгубите кредибилитетот. Добриот менаџер за односи со јавност треба да биде отворен и искрен со својот клиент, да дава најдобри совети дури и во најтешки ситуации, да имаат воспоставено однос на доверба. Токму и недостатокот од соработка со консултанти за менаџирање на јавното мислење беше причина католичката црква да изгуби милиони евра донации, и да не реализира различни планирани хуманитарни проекти. Имено на се почестите обвинувања за сексуално малтретирање на деца, црквата не реагирала, делата не биле признати ниту пак била превземена друга активност. Католичката црква избрала да молчи, што е исто како да се прифаќаат обвинувањата, не покажувајќи никаква одговорност за случувањата. А доколку се излегло со став дека тоа се инцидентни случаи за кои црквата жали, и дека тоа не смее да се случува, и дека се ќе се направи за да во иднина да не се случуваат вакви грешки, јавноста донекаде ќе ја оправдаше, а поголемиот дел од донациите ќе останеа. Слични примери се случуваат и кај нас!
Моето искуство потврдува дека само со отвореност, со покажување на почит кон соговорникот, кон пошироката јавност може да се излезе од каква било кризна ситуација. А извинувањето во одреден момент да биде најдобрата ПР стратегија (се разбира ако тоа не стане навика, и оправдување за честите грешки). Искреноста во комуникацијата секогаш дава резултат, особено на долг рок. Тоа би требало да важи во која било професија, а особено во односите со јавноста, каде довербата на соработниците е она што е најважно, за да некој се определи да работи со Вас. На лагата и се кратки нозете! Невозможно е една компанија, еден бренд да изгради долгорочен однос со својата публика врз основа на искривување на вистината и пласирање на неточни и непрецизни информации. Така е и во животот! Тие кои до ден денес се со Вас, се луѓе со кои имате отвореност и конструктивен дијалог, на взаемен интерес.
Автор: Сашо Дуљанов
Колумната првично е објавена на : Фактор.мк