Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија се обидува да го искористи падот на светските берзи, купувајќи акции во најголемите светски компании во вредност од околу 7,7 милијарди долари.
Меѓу компаниите во кои вложува саудиската држава се и Facebook, Boeing, Disney, Marriott, Starbucks, најголемите две банки во САД – Citigroup и Bank of America, како и нафтените гиганти BP, Total и Royal Dutch Shell.
Од Јавниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија соопштија дека се гледаат себе како „трпелив инвеститор со долгорочна визија“, кој „активно бара стратешки можности во Саудиска Арабија и низ светот кои имаат силен потенцијал да генерираат значителни долгорочни приходи кои ќе им бидат од полза на граѓаните на Саудиска Арабија и ќе го водат економскиот развој на земјата.“
Со овие инвестиции, Саудиска Арабија ќе располага со акции во вредност од 10 милијарди долари во 24 компании. На врвот од листата се наоѓа Uber, со акции во вредност од околу 2 милијарди долари вложени претходно, по што следува BP со акции во вредност од 827 милиони долари. По нив следуваат акциите во Boeing во вредност од 713 милиони долари, односно Facebook и Citigroup во кои Саудиска Арабија поседува акции во вредност од околу 521 милиони долари, поединечно.
Интересно е да се истакне дека добар дел од новите инвестиции на Саудиска Арабија се насочени во сферата туризам, забава и угостителство, купувајќи акции во ланецот хотели Marriott, онлајн сервисот Booking.com и компанијата за организација и промоција на настани Live Nation.