Како дел од адвертајзинг кампањата за новиот iPhone XS, Apple објави нова реклама во која сѐ е големо – големи луѓе, големи мачки, големи колачиња и големо сѐ останато – исто како и новиот телефон кој го има најголемиот дисплеј во историјата на iPhone производите.
Концептот за рекламата доаѓа и со мала иронија, веројатно ненамерно, бидејќи iPhone XS исто така има и многу голема цена, при што верзијата од 64 гигабајти чини 1,099 долари, а верзијата од 512 гигабајти – 1,449 долари.
Рекламата, насловена „Growth Spurt“ („Изблик на раст“), е режирана од страна на Јон Хилкот, режисер кој е наградуван и на креативниот фестивал Cannes Lions. Како музика за рекламата е искористена песната „Catch My Breath“ на Confidence Man.
Едноминутниот спот започнува со младо девојче кое ја насочува камерата на iPhone XS кон својата мачка, која ненадејно станува голема колку каучот. Девојчето потоа се фокусира да го слика своето јадење, кое исто така станува огромно. Погледнете:
Според генералниот извршен директор на Apple, Тим Кук, високата цена за новиот iPhone XS вреди да се плати бидејќи ги заменува сите ваши останати „гаџети“.
„Телефонот ја замени вашата дигитална камера. Ја замени вашата видео камера. Го замени вашиот музички „плеер“. Ги замени сите овие различни уреди. Тоа значи дека производот е навистина важен. И ние откривме дека луѓето сакаат да го имаат најиновативниот производ кој е достапен на пазарот, што значи дека тој не е ефтин,“ изјави Кук.