Најголемиот глобален натпревар за креативни индустрии – „Креативен Бизнис Куп Северна Македонија 2022“ се одржа на 27 мај, а победникот на овогодинешниот натпревар е Best Online Assistant!
Во огранизација на СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации и УМПАКИ – Унијата на Унијата на македонски асоцијации во креативните индустрии, минатиот петок – 27 мај – се одржа „Креативниот Бизнис Куп Северна Македонија 2022“. Овој натпревар се оддржа во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ и претставува единствениот натпревар од глобален карактер за иновативни бизнис идеи од креативните индустрии кои имаат потенцијал да растат на глобално ниво.
Со поддршка од Creative Business Network (CBN), натпреварот се одржува во над 70 земји од светот и како таков „Креативниот Бизнис Куп“ претставува единствена можност за македонските стартап компании да ја презентираат својата бизнис идеја пред жири составено од домашни и странски експерти, инвеститори и претприемачи.
Оваа година „Креативниот Бизнис Куп Северна Македонија“ имаше шест финалисти: Ambrosia, InfoBiro, Best Online Assistant, Bio Oil Organic Food, Med-Rep Group и Sara Simoska Arhitektura
Првото место, што воедно го прави и наш овогодишен национален претставник, го освои Best Online Assistant – платформа за едукација и професионален развој за лица со физичка попреченост, која им нуди едукација во областа на совладување дигитални вештини, која потоа преку B2B и B2C бизнис моделите нуди можности за работа од далечина / фриленс работа и работа со полно работно време.
Како победник на „Креативниот Бизнис Куп Северна Македонија 2022“ – Best Online Assistant ќе бидат претставници на Северна Македонија на Глобалното финале во склоп на ‘BRIGHT’ конференцијата кое ќе се одржи во Копенхаген, Данска, во период од 27-28 јуни. Освен тоа, победникот добива и учество на Глобалната академија која се одржува во склоп на Глобалното финале, во периодот од 3-24 јуни.
– „Пред две години бев учесник на изложба организирана од страна на ОН и на нашиот штанд дојдоа многу луѓе меѓу кои секој втор посетител беше корисник на инвалидска количка. Тоа беше моментот на моето будење и добивање на идејата за обучување на лицата со попреченост за дигитални вештини. На крајот на денот на еден дигитален работник не му е потребно ништо повеќе од столче, компјутер желба за учење и време – а лицата со физичка попреченост го имаат сето тоа.“ – изјави Елизабета Јовановска, победичка и основач на Best Online Assistant.
Второто место го освои Med-Rep Group – глобална SaaS платформа за комуникација и менаџирање на секоја фаза од промоцијата и продажбата на лекови и медицинска опрема меѓу сите засегнати страни на медицинскиот пазар, за подобрена комуникација, едукација и промоција.
Третото место го освои Сара Симоска – Архитектура со нејзиниот концепт на ‘Movable Furnitures’ – мебел со модерен дизајн што лесно се вклопува во просторот и е повеќенаменски.
Овогодинешната жири комисија беше составена од четворица докажани експерти од различни области: Игор Маџов – ко-основач и претседател на Стартап Македонија, Крсто Златков – ко-основач на СКАЛА;, Ежени Брзовска – проф. Д-р. На Економскиот факултет при УКИМ и Амир Есмаеилакхтар – ко-основач на неколку стартапи, тренер и ментор на стартап бизниси.
– „Би сакале да ја искористиме оваа можност и да се заблагодариме на сите финалисти, како и на експертската жири комисија која беше дел од овој натпревар, за сиот нивни труд и придонес.
Посебна благодарност сакаме да изразиме до нашите пријатели-поддржувачи кои придонесоа при организирањето и спроведувањето на овој настан, како и поддршката во вид на обуки која ја дадоа на нашите финалисти: Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ; СКАЛА – (Скала Магазин, Скала – Школа за дизајн, уметност и технологија и ИДТ – Институт за дизајн и технологија), Стартап Македонија и Dopeness Productions. Како медиумски поддржувачи на овој настан се: УМНО, Опсервер и Маркетинг365“ – изјави Софија Богева, ко-основач на СмартАп, која воедно го модерираше овој натпревар.
На сите финалисти им посакуваме многу успех во работата, а на тимот на Best Online Assistent – нашиот национален претставник – им посакуваме многу среќа, успех и одличен пласман на Глобалното финале во Данска!