Кога Твитер минатата година ја претстави соработката со NFL и најави пренос на некои од натпреварите на американскиот фудбал на својата платформа, корисниците беа скептични. Може ли една таква микро блогерска платформа да го замени гледањето на натпревари на телевизиските екрани?
Ако се суди по информациите кои доаѓаат од Твитер, очигледно дека може. Имено, Твитер објави дека работи на изградба на видео услуги со Блумберг, но и создавање на нови „програми“.
Така, со веќе испробаниот NFL и натпреварите на американскиот фудбал, корисниците ќе можат да уживаат во преносот во живо на 20 натпрвари на WNBA, ексклузивна тричасовна емисија на MLB и бејзбол натпревари секоја недела.
Twitter исто така ќе започне и нова, оригинална програма под назив Stadium, која ќе ги покрива студентските натпревари во различните спортови. Како што наведуваат од Twitter “ќе ги комбинираат квалитетот на продукцијата и уредувачката вредност на телевизијата со брзината, достапноста, разговорите и интерактивноста на Twitter”.
Навивачите ќе имаат можност директно да комуницираат со омилените спортисти преку #Verified, модерен форум кој во облик на емисија во живо ќе биде емитуван ексклузивно на Twitter.
Покрај со веќе споменатиот Блумберг (Bloomberg), Twitter започнува соработка и со познатиот технолошки портал The Verge. Од есен, исто така корисниците на Twitter ќе можат да уживаат во емисија во живо во која новинарот на The Verge, Nilay Patel ќе ги тестира најновите и најчудните гаџети.
Свое место на Twitter ќе пронајде и BuzzFeed кој секое утро ќе емитува вести за најновите трендови и вести. А за оние посериозните, ќе се погрижи Cheddar со извештаите од њујоршката берза на почетокот на секој ден.
Љубителите на музиката можат да уживаат во одбрани концерти и оригинална содржина која во живо ќе се емитува во склоп на Live Nation програмата.
Сакате ли да гледате ТВ програма на Твитер?
Од Twitter истакнуваат дека тоа не е се` што подготвуваат, односно дека во иднина би можело да има уште програми и ексклузивна содржина. Од тоа произлегува и логично прашање – станува ли Twitter нова ТВ платформа?
Одговорот на тоа прашање не е баш едноставен. Имено, сите програми кои Twitter до сега ги презентираше на своите корисници, како и овие кои ги најавува, се резултат на соработката со другите медиуми и нивната успешност ќе зависи најпрвин од квалитетот на содржината, нивната ексклузивност, но и од активното учество на корисниците.
Најдобар пример е минатогодишното следење на натпреварите на американскиот фудбал, кој во САД е национален спорт. Twitter овозможи бесплатен пренос на 10 натпревари, но не успеа позначајно да ги поттикне корисниците на соработка во дискусиите. Во просек секој натпревар на Twitter го следеле по 266 илјади гледачи, што е во споредба со 15.8 милиони колку што го следеле на телевизија, е навистина многу малку.
Проблем е тоа што Twitter нуди видео содржина која корисниците можат да ја гледаат и на другите, за нив поблиски платформи. За да навистина заживее како ТВ платформа, Twitter ќе мора на корисниците да им понуди нешто што не може да го добијат никаде на друго место и со тоа дополнително да ги мотивира да се вклучат во програмата и дискусијата со другите твитерџии.