Американската холдинг компанија New Media Investment Group ја купува медиумската компанија Gannett, сопственик на националниот весник USA Today, за 1,4 милијарди долари, со што се создава најголема новинска компанија во САД, се вели во соопштението на двете американски компании.
И двете компании, во однос на тиражот на дневните изданија, се најголеми сопственици на весници во САД. New Media, односно нивната подружница ќерка Gatehouse Media, издаваат 144 дневни весници, а по аквизицијата на Gannett, заедно ќе имаат 263 изданија на дневни весници во 47 американски држави, од El Paso Times во Тексас до градските изданија Detroit Free Press и локалните Register-Guard во Јуџин, Орегон.
Според „Ројтерс“, издавачот Gannett, најпознат како сопственик на весникот USA Today кој се печати во 750.000 примероци дневно, во последниве години се обидува да се пренасочи на дигитални изданија, инвестирајќи милиони во онлајн инфраструктура и маркетинг, но сè уште не е во чекор со другите играчи. Со соединувањето, се очекува побрза дигитална трансформација на Gannett, кој е основан во далечната 1906 година, а обете компании очекуваат заштеда од 300 милиони долари годишно, најмногу во технологија и вработени.
Ваквото спојувања на големите медиумски куќи, како што пишува Си-Ен-Ен, во последно време значи намалување на работните места од двете страни. Така, на пример, по минатогодишното спојување на Disney и 21st Century Fox, речиси 4.000 луѓе останаа без работа. Сепак, Мајкл Рид, извршниот директор на New Media Group, не се осврна на такво сценарио во своето обраќање.
„Веруваме дека оваа трансакција ќе создаде поголема вредност за нашите акционери, поголеми можности за нашите вработени и посилна иднина за новинарството“, рече Рид.
New Media, која е во сопственост на јапонската SoftBank, ќе има удел од 50,5% од акциите во Gannett, а на чело ќе седи токму Мајкл Рид. Нивната издавачка куќа Gatehouse Media ќе продолжи да работи под брендот Gannett, кој сепак има подолга традиција. Според пишувањето на медиумите, аквизацијата се проценува на вкупно 1,38 милијарди долари, но акционерите на Gannett ќе бидат исплатени со комбинација на готовина и акции.