Компаниите „Крафт фудс” и „Хајнц” ги потврдија плановите за спојување во прехранбениот гигант под називот „Крафт Хајнц ко“, пренесуваат светските медиуми.
Новиот ентитет ќе стане една од водечките светски групации во секторот прехрана и безалкохолни пијалаци и трета по големина во Северна Америка. Седиштето на новоформираната групација ќе се наоѓа во Питсбург, Чикаго, а според првите проценки, ќе остварува годишен промет од околу 28 милијарди долари. Компанијата ќе поседува осум водечки брендови, секој со поединечна вредност од околу милијарда евра, како и пет брендови, со вредност од 500 милиони до милијарда евра.
Спојувањето е координирано од приватниот фонд „3Г капитал” и корпорацијата „Беркшир Хатавеј”, во сопственост на магнатот Ворен Бафет, сопственик на „Хајнц”. „Хајнц” ќе преземе 51% од сопственоста во „Крафт”, а другиот дел ќе остане во сопственост на сегашните акционери на „Крафт”, кои исто така ќе добијат и кеш дивиденда во износ од 16,5 долари по акција. Дивидендата во износ од 10 милијарди долари е финансирана од фондот „3Г” и корпорацијата „Беркшир Хатавеј”.
„Крафт” е една од најголемите американски прехранбени компании, која во 2010 година го купи британскиот производител на чоколадо „Кадбери” за 11,5 милијарди фунти. Подоцна ја одвои „Кадбери” во посебна компанија под називот „Монделез”.
Извор: InStore