Уште на почеток би сакал да расчистам со дилемата што ја наметнува насловот на овој текст. Сте го гледале ли класичното остварување на легендарниот Вуди Ален – Everything You Always Wanted to Know About Sex (But Were Afraid to Ask) од 1972 година?
Ако одговорот е потврден, а воедно сте професионалец од областа на односи со јавноста, тогаш веројатно погодувате дека секоја сличност на ПР-от со сексот (во овој текст) е намерна! Ако не сте го гледале филмот, тогаш барем прочитајте ги следните неколку основни совети кој се осмелив да ги споделам со вас во обид да дадам одговори на некои дилеми или да „разбијам“ некои митови за она што може, а што не може да очекувате од ПР-от.
- ПР-от не продава! Тој создава поддржувачи. Веројатно досега сте научиле дека не можете да убедите некого да води љубов со вас само врз основа на вашите упорни уверувања (реклама) дека сте совршен, квалитетен, иновативен… љубовник. Најчесто, за квалитетна врска неопходно е да креирате доверба, а тоа е процес во кој се добредојдени сите препораки за вашите квалитети кои доаѓаат од респектибилни извори. Најдобрата пријателка/пријател на вашата потенцијална нова љубов е добар пример за респектибилен извор, односно ваш посакуван поддржувач.
- Запознај го партнерот , но и неговата околина. Секогаш имај ја пред себе „големата слика“. Ако сте од оние што не веруваат во идилата наречена „љубов на прв поглед“, тогаш знаете дека за да таа се случи романтична врска, неопходни се многу предуслови. Треба навистина да го запознаете вашиот партнер, неговите навики, желби, омилени нешта…но и неговото опкружување, за да можете да бидете свесни за вашата конкуренција, за вашите пријатели, но и непријатели. Со други зборови, првата задача на секој ПР професионалец кој треба да осмисли и реализира соодветна програма за односи со јавност, е анализа на сите фактори (внатрешни и надворешни) кои можат да помогнат или одмогнат да се дојде до посакуваната цел – љубов. Ова најдобро го потврдува изреката „Зборувањето започнува со молчење“, која упатува на тоа дека за да се осмелите да почнете да убедувате некого, треба прво да ги разберете неговите желби, потреби и очекувања, со еден збор – да го видите неговото место во големата слика.
- Креирајте несекојдневни доживувања. За да креирате ефективна (љубовна) врска треба да знаете да ја искажете својата љубов. Но, најчесто не е доволно само да соопштите „те сакам“. Особено во случаите кога конкуренцијата е голема, односно кога има голем број додворувачи (читај: конкуренти) кои имаат адути (ресурси) и не штедат на суперлативи (реклами) за да ја нагласат својата понуда и со тоа да го освојат срцето на нашата сакана / сакан (потрошувач). Вашата задача, како ПР специјалист е да се издвоите од оваа средина, креирајќи уникатни пораки, преку комбинација на зборови, звуци, слики, движења… кои ќе резултираат во несекојдневно (уникатно) доживување. Креирањето романтичната атмосфера (свеќи, музика, вкусна храна…) е еден вид на вакво доживување. Се разбира, ако се работи за креирање на врска меѓу вашиот бренд и потрошувачите, задачата на ПР-от е слична, само настанот е различен.
- Не „пукајте“ во празно. Изберете го најдобриот пат до срцето на… Велат „Сите патишта водат кон Рим“, па сепак сите знаме како завршило Римското царство. Така е и во љубовта (и во односите со јавноста). Најдобар начин да ја искажете вашата љубов е кога директно, непосредно разговарате, односно комуницирате со вашиот партнер. Но, тоа може да биде и најризичниот начин, бидејќи на „испит“ се, не само вашите зборови, туку и целокупната ваша појава (изглед, гестови, движења…), како и искрените одговори што ќе ги дадете на поставените прашања. Се разбира можете да изберете и други тактики. Да праќате љубовни писма и други соопштенија, СМС пораки, видеа…., да постирате, лајкувате, твитате…, да пишувате на табли, клупи и билборди, да правите web страници и огласи по весници… Запомнете, постојат безброј патишта до срцето на вашата љубов, но поентата е да ги пронајдете оние вистинските, кои најдобро ќе ја пренесат вашата порака и тоа за најкусо време и оптимални трошоци.
- ПР = ДОВЕРБА = Исполнети ветувања. Се разбира, по сè што направивте да го освоите срцето на партнерот, постои голема веројатност да ви се случи љубов. Но, тоа не значи дека сте изградиле сериозна врска. Тоа ви станува јасно уште следното утро, кога не го добивате посакуваниот телефонски повик (читај: feedback). Но, вие сте решен да одите понатаму и сериозно да вложите во оваа врска и затоа продолжувате да инвестирате во неа. Знаете дека клучот е во креирањето на доверба во вашите квалитети и капацитет да креирате и вложувате во сериозна и долгорочна врска, исполнувајќи ги сите ветувања кои патем, доброволно ќе ги дадете, внимавајќи да не креирате преголеми и пред сè нереални очекувања за вашите реални можности.
* Важна забелешка од авторот на овој пост:
Убеден сум дека сите ја разбравте употребената симболика, а преку неа и пораката што сакав да ја споделам со вас. За секој случај, доколку сум потфрлил, секаде во текстот, употребете ги по ваш избор соодветните замени за следните поими.
Љубов = репутација, продажба, добивка, победа…
Партнер = публика, јавност, потрошувач, вработен, гласач …
Пат = медиум