Најголемата австралиска новинаска групација, News Corp на медиумскиот магнат Руперт Мардок, на 1 април објави дека се запира печатењето на околу 60 регионални весници поради падот на приходите од реклами за време на епидемијата на корона вирусот .
News Corp објави дека весниците во државите Нов Јужен Велс, Викторија, Квинсленд, Јужна Австралија веќе нема да излегуваат во печатено издание и од сега ќе бидат достапни само онлајн.
„Не ја донесовме таа одлука лесно“, рече Мајкл Милер, главен извршен директор на News Corp Australia.„Кризата поврзана со корона вирусот предизвика невидени економски притисоци и ние правиме се` што е во наша моќ за да зачуваме што е можно повеќе работни места“.
Тој рече дека прекинот на печатењето на локалните изданија бил принуден поради огромниот пад на приходите од реклами настанат поради рестриктивните мерки за борба против корона вирусот.
Меѓу секторите погодени од ограничувањата, тој го спомена секторот недвижнини, затворањето ресторани и откажувањето на настаните.
Уште пред да започне пандемијата, многу австралиски медиумски групи веќе се префрлија на онлај изданија.
Оваа објава следи по серијата најави за затворање на медиуми, вклучително и единствената национална австралиска агенција ААП која ќе се затвори во наредните месеци.