На прес-конференција која се одржа во просториите на Агенција за филм на Р. Македонија беше најавена втората работилница на „EAVE Producers Workshop“, која од денеска 24 јуни до 1 јули 2015 година ќе се одржува во Скопје, Р. Македонија.
Присутните го изразија своето задоволство што Република Македонија за прв пат ќе биде домаќин на еден од најголемите едукативни настани во филмската дејност.
Министерката за култура истакна: „Oвој настан е од особено значење за нашата земја, за развојот на нашата филмска дејност, како и за едукација на филмските работици кои во текот на една недела ќе имаат можност преку отворените сесии и индивидуални состаноци да ги зголемат своите знаења и вештини, како и да воспостават соработка со учесниците на работилницата за можни идни копродукции. Како во изминатиот период така и во иднина, Владата на Република Македонија преку своите воспоставени мерки за развој продолжува да ја дава целосната поддршка на филмот и филмската култура, како и да се залага за препознатливост на македонската кинематографија во европски и светски рамки. Со донесување на новиот Закон за филмската дејност, Македонија станува попрепознатлива благодарение на интензивниот пораст на производството на филмови со македонско мнозинско и малцинско учество, создавање на поволни услови за развој на филмската инфраструктура, како и воведување на стимулативни фискални политики во филмската дејност за домашни и странски продукции кои се снимаат во земјата.“
Директорот Дарко Башески и Сату Ело дадоа краток осврт на сето она кое што ќе се случува во текот на оваа недела како дел од работилницата и тоа дека на работилницата, која е организирана во соработка со Агенцијата за филм на Р. Македонија, ќе земат учество 48 учесници од 30 земји.
Работилницата која ќе се одржува во Скопје е втора од вкупно три работилници од годишната тренинг програма на EAVE наменета за независни продуценти. Учесниците се избрани од вкупно 166 пријавени продуценти од целиот свет. Покрај европските земји, годинава има учесници и од Аргентина, Бразил, Турција, Сингапур и други.
Еднонеделната работилница ќе се фокусира на различни сегменти од филмската продукција, вклучувајќи го маркетингот, финансирањето и продажбата. Тимот од експерти кои ќе имаат сесии на работилницата е составен од Jani Thiltges (EAVE Head of Studies), четири групни лидери (искусни продуценти), Roshanak Behesht Nedjad (In Good Company GmbH, DE), Lise Lense-Møller (Magic Hour Films, DK), Riina Sildos (Amrion, EE) и Patrick Sobelman (Agat Films & Cie, FR); консултантите за сценарио Clare Downs (UK), Jacques Akchoti (FR), Martin Daniel (USA) и експертот за документарни филмови Sylvia Stevens (Faction Films, UK). Експертите за презентација (Sibylle Kurz, DE), финансирање Linda Beath (Ideal Filmworks, IT), маркетинг (Sarah Calderon, The Film Agency, ES) и право (Roberto Olla, Eurimages, EU) кои ќе го споделат своето искуство и знаење во пленарни и групни сесии и индивидуални состаноци со учесниците на EAVE.
Експертот за музички права Laurence Kaye ќе предава на тема музички права, Didar Domehri (Full House – Manekifilms, FR) ќе го сподели своето искуство во продажбата и меѓународниот пазар, додека на посебен панел експертите Jani Thiltges (EAVE Head of Studies), финансискиот експерт Linda Beath, продуцентката Christine Alderson (Ipso Facto Films, UK), Danijel Hocevar (Vertigo, SI), Titus Kreyenberg (Unafilm, DE) и Leena Pasanen (DOKLeipzig, DE) детално ќе дискутираат за финансирањето на проектите.
Локалната филмска дејност ќе биде претставена на посебна сесија насловена: „Продуцирање во и со Македонија“. Сесијата ќе ја отвори министерката за култура на Р. Македонија, г-ѓа Елизабета Канческа Милевска, а директорот на Агенцијата за филм, Дарко Башески ќе одржи предавање каде ќе ги претстави копродукциските можности што ги нуди Македонија, како и правото на поврат на средства. Продуцентот Огнен Антов (Dream Factory) ќе одржи презентација на студија на случај „Споменик на Мајкл Џексон“ – проект развиван на EAVE во 2011 година, каде Огнен Антов се јавува во улога на копродуцент (копродукција помеѓу Србија, Германија, Македонија и Хрватска).
Воедно, на 28 и 29 јуни ќе се одржи и посебна работилница „EAVE@Skopje“ наменета за локални продуценти, каде четири селектирани проекти од Македонија ќе добијат можност за групна работа и индивидуални состаноци со екпертите на EAVE: Linda Beath, Sibylle Kurz, Titus Kreyenberg и Anita Voorham, додека Didar Domehri ќе одржи пленарна сесија за „Продажба и меѓународен пазар“ наменета за локалните учесници.
На самиот крај Дарко Башески, в.д. директор на Агенција за филм истакна: „Ни претставува особена чест и задоволство што годинава ќе бидеме домаќини на втората работилница на ’EAVE Producers Workshop 2015‘. Исклучително сме благодарни за укажаната можност и доверба која дополнително ќе ја зајакне успешната соработка и партнерство помеѓу двете институции. И покрај тоа што не очекува една навистина интензивна работилница, искрено се надевам дека учесниците ќе успеат да доживеат дел од Македонија. Воедно ја истакнувам мојата благодарност до Винаријата Тиквеш, која секогаш ги подржува настаните од исклучителна важност за нашата земја. И овој пат присутните експерти и учесници на оваа работилница ќе имаат можност да уживаат во македонското вино.“
Кристина Трап, извршен директор на EAVE преку писмено обраќање истакна: „Особено ни е драго што втората работилница на ’EAVE European Producers workshop‘ годинава ја носиме во Скопје поради нашата соработка со Агенцијата за филм на РМ и директорот Дарко Башески и неговиот исклучителен тим со кој имаме долгогодишно искуство во организирање на настани од ваков тип во регионот.“
EAVE е поддржана од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Филмскиот фонд на Луксембург, германскиот Центар за медиумска промоција, францускиот Национален центар за филм и подвижни слики, Аудиовизуелниот фонд на регионот Фриули-Венцеија-Џулија, ПАКТ (Здружение на филмски и телевизиски продуценти), Британскиот совет, бразилската програма „Cinema do Brazil“ на Агенцијата за промоција на инвестициите, Европскиот филмски маркет и земјите партнери каде што се одржуваат работилниците од 1988 година.