Една урбана легенда вели дека просечниот човек јаде осум пајаци годишно додека спие. За среќа, тоа не е точно, но едно ново истражување, кое за жал изгледа како точно, вели дека луѓето просечно внесуваат по пет грама пластика неделно.
Податоците доаѓаат од меѓународната организација World Wildlife Fund, која неодамна го избра Универзитетот во Њукасл од Австралија за да спроведе истражување за проблемот на внесување пластика во човечкиот организам. Со истражувањето било откриено дека најчестиот извор за внесената микропластика е водата, од шишиња и од чешма. Солта, пивото и школките исто така се наоѓаат високо на листата.
Агенцијата Grey Malaysia и’ помогна на WWF во презентирањето на овие сознанија преку кампања која илустративно покажува колку пластика внесува една индивидуа секоја недела. На пример, просечниот човек внесува околу 5 грама пластика неделно, што е еднакво на една кредитна картичка. После еден месец, човекот внесува 21 грама пластика – колку една закачалка за облека.
Од организацијата се надеваат дека кампањата ќе ги шокира луѓето, компаниите и владите и ќе ги поттикне да превземат конкретни акции.
„Ако не сакаме пластика во нашите тела, тогаш мора да ги запреме милионите тони пластичен отпад кој секоја година протекува во природата. Со цел да се справиме со пластичната криза, потребни се итни мерки на ниво на владите, бизнисите и потрошувачите и глобален договор со глобални цели кој ќе го реши загадувањето со пластика. Пластиката не ги загадува само нашите океани и вода и го убива водниот живот – таа се наоѓа во сите нас и ние не можеме да избегнеме да конзумираме пластика,“ истакнува генералниот директор на WWF, Марко Ламбертини, во соопштение по повод новата кампања.
Кампањата вклучува и посебен веб-сајт – Your Plastic Diet („Вашата пластична исхрана“), каде посетителите може да направат тест и да откријат колку пластика тие несвесно внесуваат во себе со храната. Дополнително, веб-сајтот нуди и информации за потеклото на проблемот и како тој може да биде сопрен.