Кон крајот на минатата недела во Порторож е завршена 21 конференција SEMPL, која повторно понуди увид во иднината на огласувањето и комуникацијата
Од настапите на моментално најбараните и меѓународно признати говорници, организаторите издвоија 10 трендови кои ќе влијаат на огласувањето, маркетингот и работењето на компаниите во 2020 година. Кај претстојните трендови веќе не зборуваме само за нови технологии и брзина на адаптација кон промените, туку за успех е потребно време и за тишина, дијалог, автентичност и промена во начинот на размислување.
- Свртете го погледот во несвесното
Потрошувачите не донесуваат рационални одлуки и не реагираат како што би очекувале бизнисите и брендовите. Без оглед на тоа што научивме преку прибирање и обработка на податоци да ги бараме и препознаеме шаблоните на однесување на луѓето, податоците од тој вид не ни ги откриваат причините кои мотивираат одредени однесувања. Ако на тоа го додадеме и фактот дека вработените во маркетинг секторот имаат сосема различни навики во однос на конзумација на медиумите, доаѓаме до заклучок дека современиот маркетинг мора нужно да обезбеди увид во несвесното, кое го проучуваат психолошките и бихејвиористичките студии и невронауката. Британката Лорен Кели, психолог на дизајн, е убедена дека при обликување на релевантните производи за потрошувачите може да ни помогне едноставната формула наречена LASER („Like them“, „Attention-grabbing“, „Social“, „Easy“, „Relevant“).)
- Променете го фокусот: од рентабилност – на емоции и креативност
Како што потрошувачите не се рационални, не треба да бидат ниту огласувачките кампањи, убеден е Вил Гудханд, комерцијален директор на System1 Group, кој вели: „Кога создавате, не дозволувајте левата половина од мозокот со својот разум да ве спречи.“ Имено, левата страна се потпира на факти, затоа креативните решенија се генерално безживотни и содржат повеќе апстрактни елементи. Десната половина од мозокот работи врз основа на емоции и интуиција, поради што решенијата се подлабоки, поиновативни и креативни, а рекламите се поефикасни. „Креативноста, која се заснова на факти, останува една од долгорочно најефикасните стратегии. Најдобрите начини да се изгради таква емотивна врска се раскажување приказни и хумор“, вели Кјара Манко, заменик уредник за студии на случаи во WARC, поаѓајќи од анализата на најуспешните примери на добра практика.
- Клучот за успех е во поврзувањето
Ниту една иновација не настанува на ниво на поединец, што е докажано со бројни студии на случај за развојот на најголемите идеи во историјата и за начинот на работа на иноваторите, кои работат во позадина. Еден од најважните експерти во областа на иновациите, Грег Сател, е убеден дека во иднина, ќе се истакнат пред сè оние компании кои наместо идеи ќе умеат да пронајдат добри, смислени проблеми и ќе се поврзат со другите во изнаоѓање решенија за нив.
- Вдахнете го брендот со страст и цел
Денес, повеќе од кога било, потребно е да се надмине просечното и да се поврземе со луѓето на ниво на нивните вредности и верувања. Имено, според најновите истражувања, брендовите мора да (о)станат културно релевантни, да се занимаваат со социјалните проблеми и да и` вратат на заедницата. Затоа треба да му дадете на вашиот бренд глас кој гради доверба и страст, а вашите приказни да ги раскажувате конзистентно, убедена е креативниот текстописец Вики Рос. Оваа идеја ја следат и новите четири P на маркетингот, како што наведува Фил Кемиш, наградуван маркетер и говорник во својот концепт „Маркетинг на карактери“: цел („Purpose“), луѓе („People“), страст („Passion“) и однос („Physical“). Целта е да се пронајдат и споделат вредности и верувања, да се поврзат со луѓето, да разберат какви се нивните страсти и да се создадат моменти што ќе ги доближат.
- Традиционалните медиуми остануваат важни
Решението на ефикасното огласување сè уште е во комбинацијата на традиционалните и новите медиуми. „Додека првите го градат брендот, се поврзуваат со потрошувачот емотивно и постигнуваат таканаречена ментална достапност, со помош на другите полесно се доаѓаѓа до помалите, целно одбрани групи на потрошувачи, се овозможува поголема мерливост и се постигнува т.н. физичка достапност“, сметаат Самуел Скот, колумнист во The Drum и Иван Иванов, директор за маркетинг и комуникации во Discovery за регионот на Централна и Источна Европа, Медитеранот и Централна Азија.
Иванов исто така предупреди за важноста на пронаоѓање заеднички именител во мерењето на опсегот во различни медиуми и предупреди дека „модните“ целни групи, како што се на пример милениумците, се голема заблуда. Имено, се работи само за демографска група, која во однос на потрошувачката на медиуми во никој случај не се разликува од другите генерации, а сепак на нив им се припишуваат многу уникатни карактеристики кои генерално не се точни.
- Вештачка интелигенција
Трендот на напредна форма на гласовно активирани реклами, кои се засноваат врз разговорот помеѓу вештачката интелигенција и потрошувачите, веќе се користи за квалитативно поврзување на прифатливите брендови за потрошувачите во САД и Велика Британија. „За повеќето, гласот е алатка за секојдневна комуникација, а посакуваната цел или компромис ја постигнуваме преку дијалог, па затоа убеден сум дека тоа е вистинскиот пат и во огласувањето“, вели Сајмон Данлоп, сериски претприемач кој во моментов нуди услуги од ваков вид преку Instreamatic.com. Вештачката интелигенција и дијалогот меѓу комуникациските канали што не смеете да ги пропуштите, ќе вметнат и т.н. деловни разговори и со тоа апликации за известување, кои развиваат сè повеќе решенија за персонализирани разговори со корисниците.
- Привлечете внимание и со звук и со глас
За поголемо внимание, доживување и разбирање на рекламните и другите медиско – комуникациски содржини, огласувачите, агенциите и другите кои на еден или друг начин сакаат да го привлечат вниманието на потрошувачите, слушателите и гледачите, ќе треба да посветат повеќе внимание на звукот и на гласот. Дека звукот, интонацијата, начинот и брзината на говорот се силно поврзани со нивото на внимание, докажува студијата на Ема Родеро, истражувач и професор на универзитетот Помпеу Фабра во Шпанија. „Проблемот со денешните реклами е што содржината е заситена со зборови што се изговараат премногу брзо и со погрешна интонација за многу кратко време, што кај потрошувачите докажано не ја предизвикува посакуваната реакција“, објаснува Родеро.
- Маркетинг со инфлуенсери
Дел од маркетинг средствата следната година дефинитивно треба да бидат насочени на соработката со инфлуенсери, која мора да биде концептирана долгорочно. Интегрирајте ги разумно во сите сегменти на вашите кампањи, не само одделно во рамките на активностите на социјалните мрежи и изберете ги оние што се залагаат за вашите вредности. Притоа, не ја занемарувајте најбрзо растечката платформа, TikTok, која веќе има 500 милиони корисници. Основачот на агенцијата MG Empower, Мајра Џеновезе, го препорачува TikTok за огласувачите затоа што одредени видео содржини успеваат да го задржат вниманието на гледачот многу подолго од која било друга мрежа, во просек дури 8 секунди.
- Променете го начинот на размислување
Денес, повеќе од 50 проценти од компаниите се соочуваат со лоши резултати заради недостаток на додадена вредност за клиентите и потрошувачите. Доколку се обидеме да избегнеме неуспех и сакаме поинакви резултати, треба да излеземе од зоната на удобност и да го промениме начинот на размислување. Добро познатиот футуристист Џонатан Мекдоналд советува да бараме нови деловни можности во области каде владее хаосот, а не таму каде што веќе сме присутни или кај нашата конкуренција.
Мора да престанеме да ги имитираме луѓето околу нас и да го најдеме она што навистина нè радува, вели Али Махлоди, европски амбасадор за млади: „Ниту една кариера не е права линија. Грешките, подемите и падовите се составен дел од бизнисот, која создава нови можности само за храбрите “.
- Не ја заборавајте тишината
Зависност од социјални мрежи, опседност со податоци и ефикасност, максимализирање на ефикасноста во најкус можен рок. Сите тие се причини за болеста на новото време, а работата и животот во постојан метеж нè оддалечуваат од посакуваните цели. Силата на тишината, од друга страна, ни нуди можност подобро да се запознаеме: „Тишината и мирот се неразделно поврзани со креативноста и можат да доведат до револуционерни идеи“, уверен е Ерлинг Кејџ, првиот човек кој пешки стигна до сите три врвови на светот : северниот и јужниот пол и Монт Еверест. Тишината како алатка за полесно размислување успешно ја користи и технолошкиот гениј Илон Маск.
Фото: Ziga Intihar