Подружницата на германскиот автомобилски гигант Volkswagen AG објави лажна вест дека во САД ќе работи под името „Voltswagen of America“ затоа што подобро ја отсликува ориентацијата на компанијата кон производство на електрични возила, но во средата призна дека тоа било првоаприлска шега.
Сепак, на социјалните мрежи, првоаприлската шега наиде на критики затоа што некои коментатори се присетија на скандалот предизвикан од германскиот производител со фалсификување на резултатите од тестовите на издувните гасови за неговите дизел модели.
„Volkswagen of America“ нема да го смени името во Voltswagen. Тоа соопштение беше во духот на првоаприлските шеги по повод лансирањето на електричното возило ID.4 SUV и за да ја нагласи нашата посветеност кон преминување на целосно електрична мобилност“, рече портпаролот.
Портпаролот на Volkswagen во Германија ја нарече промената на името „одлична идеја“ со фокус на маркетингот.
Вториот по големина производител на автомобили во светот, VW се надева дека ќе ја удвои понудата на електрични возила и ќе го зголеми профитот оваа година со преминување кон целосно електрични возила.
Некои директори на VW не се задоволни што нивните електрични модели во САД не привлекуваат толку внимание како Tesla или General Motors.
Volkswagen има за цел да инвестира 16 милијарди евра во електрификација и дигитализација до 2025 година и се обврза на продажба на еден милион електрични возила ширум светот до 2025 година.