Може да биде тешко да се илустрира колку вода непотребно се губи доколку ја оставите вашата чешма да капе без да ја поправите или ако останете малку подолго под тушот.
Но, токму тоа сакаа да го покажат бразилскиот бренд за органски сокови Greenpeople и агенцијата Cheil Brazil, кои дизајнираа серија на шишиња со различни големини кои треба на едноставен и ефективен начин да искомуницираат (и визуелно илустрираат) колку вода всушност се губи непотребно при некои наши секојдневни навики.
Така на пример, шишето од 500 милилитри е еднакво на изгубената вода кога чешмата капе 18 минути, 1,5 литри е еднакво на 40 секунди отворена чешма додека ги миете забите, дополнителни 20 секунди под тушот се еднакви на 5 литри, а миењето на колата со црево за 1 минута е еднакво на 20 литри.
Кампањата беше создадена по повод Светскиот ден на водата (22 март). Брендот ги дистрибуираше новите шишиња до сите маркети кои ги продаваат нивните производи, како и до повеќе инфлуенсери на социјалните медиуми.