Платформата за електронска трговија Shopify овозможи продавање и купување на NFT (non-fungible tokens). Со тоа, креаторите и колекционерите на дигитални уметнички дела ќе имаат олеснет процес во нивното меѓусебно деловно работење.
Досега, трговијата со NFT главно се одвиваше на крипто-пазари со покомплицирани чекори за остварување на продажбата. Меѓутоа, сега Shopify целосно го поедноставува тој процес, трансформирајќи ја трговијата на NFT како да се работи за кој било обичен производ.
„Фановите не би требало да имаат длабоко познавање на крипто валутите за да поседуваат некој NFT од бренд или уметник кој го сакаат. Ние го олеснуваме процесот за трговците да продаваат NFT, правејќи ги нив подостапни за сите и проширувајќи ги можностите на трговијата“, истакнува претседателот на Shopify, Харли Финкелстајн.
Инфраструктурата на Shopify иста така овозможува едоставно купување на NFT преку кредитна или дебитна картичка.
Со цел да биде сигурно дека уметничките дела кои се продаваат како NFT се авторизирани, од Shopify посочуваат дека тие индивидуално ќе го прегледуваат и верификуваат секој трговец кој ги продава. Меѓутоа, освен овие прегледи, компанијата не планира дополнително да се меша во купопродажниот процес , оставајќи ги продавачите и купувачите директно да се договараат помеѓу себе.
Меѓу првите брендови кои оствариле продажба на NFT преку Shopify е и американскиот кошаркарски тим Чикаго Булс, чии уметнички дела поврзани со шестте шампионски прстени биле продадени за само 90 секунди.