Најпопуларниот интернет пребарувач на светот Google ги објави податоците за најпребаруваните поими во текот на 2022 година.
На првото место на Топ 10 листата на најпребарувани поими во светот се најде видео играта со решавање зборови “Wordle”, во издаваштво на The New York Times.
На второто место се наоѓа Светското првенство, но не она во фудбал, туку во крикет. Поточно, се работи за полуфиналниот натпревар помеѓу Индија и Англија (“India vs England”).
Но, популарноста на крикетот не застанува тука – Индија е сепак голема земја! :)
Натпревари од Светското првенство во крикет исто така се најдоа на петтата и седмата позиција на најпребарувани термини во светот, а поточно се работи за натпреварите „Индија против Јужна Африка“ (“Ind vs SA”) и „Индија против Западните Индиски Острови“ (“India vs West Indies”), соодветно. На десетата позиција на најпребарувани термини, пак, се најде Индиската Премиер Лига во крикет (“Indian Premier League”).
На шестата позиција се најде терминот „Светско првенство“ (“World Cup”), поврзан истовремено и со Светското првенство во крикет во Австралија (6 октомври – 13 ноември 2022) и Светското првенство во фудбал во Катар (20 ноември – 18 декември 2022).
На третото место на најпребарувани термини на Google во 2022 година се најде Украина (“Ukraine”), која на почетокот од година беше нападната од Русија. На четвртото место се најде името на англиската кралица Елизабета Втора (“Queen Elizabeth”), која почина во септември оваа година на 96-годишна возраст.
На осмото место се најде “iPhone 14” – новиот паметен телефон на Apple. На деветтата позиција, пак, се најде името на серискиот убиец Џефри Дамер (“Jeffrey Dahmer”), врз основа на чија приказна беше лансирана популарна играна серија на стриминг платформата Netflix.
По редослед, најпребаруваните термини на Google за 2022 година се:
- Wordle
- India vs England
- Ukraine
- Queen Elizabeth
- Ind vs SA
- World Cup
- India vs West Indies
- iPhone 14
- Jeffrey Dahmer
- Indian Premier League
Во однос на најпребаруваните познати личности, на првите пет позиции се најдоа имињата на: Џони Деп, Вил Смит, Амбер Херд, Владимир Путин и Крис Рок.
Најпребарувани спортисти на Google во 2022 година биле, по редослед: Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Серена Вилијамс, Манти Те’о и Шон Вајт.
Најпребаруваните играни филмови во 2022 биле: “Thor: Love and Thunder”, “Black Adam”, “Top Gun: Maverick”, “The Batman” и “Encanto”. Најпребарувани играни серии, пак, биле: “Euphoria”, “House of the Dragon”, “Moon Knight”, “The Watche” и “Inventing Anna”.
Целосниот преглед на најпребарувани термини на Google за 2022 година, по повеќе различни категории, е достапен на следниот линк.