Социјалната платформа Фејсбук била и ќе остане есенцијална алатка во маркетиншките стратегии на брендовите во годините што следуваат. Според истражувањето на Buffer за Состојбата во социјалните медиуми во 2019 година, 93,7 проценти од бизнисите ширум светот се активни на Фејсбук – најмногу од која било друга социјална платформа.
Во рамки на истражувањето биле анализирани вкупно 777,367,063 Фејсбук постови објавени во минатата 2018 година, со цел да се дојде до одговорот за тоа кои се најуспешните содржини кои ги споделуваат брендовите на оваа платформа. Сите 777 милиони постови биле рангирани според бројот на интеракции предизвикани кај корисниците, а првите 500 постови со најмногу интеракции (преку 1 милијарда!) биле подложени на подетална анализа.
Во продолжение следуваат трите најевиденти заклучоци кои произлегле од истражувањето:
- Видеата се најефективниот тип на постови
Иразено во бројки, видеата „собираат“ 59% повеќе интеракции од било кој друг тип на постови. Од топ 500 постови со најмногу интеракции, дури 405, односно 81%, биле видеа. По видеото следуваат сликите, со 18%, а само 0.2% од топ 500 постови биле линкови.
Постовите кои имаат линкови во просек добиваат 76% помалку интеракции од видеата, а не помага многу ни „тактиката“ линковите да бидат споделени заедно со фотографија.
- Најчестите реакции кај видеата со најмногу интеракции се „љубов“ и „хаха“
Различните типови на реакции се добар показател за психологијата на корисниците и какви видови на содржини тие сакаат да гледаат и споделуваат.
Најголем број од интеракциите на видео-постовите од топ 500 биле „љубов“ и „хаха“ (46.9%, односно 31.4%, соодветно), не сметајќи ги вообичаените „лајкови“.
Ова дава индиција дека генералната публика најчесто реагира на содржини кои се инспиративни и смешни, односно дека брендовите кои се фокусираат на овие емоции ќе добиваат повеќе интеракции, што нé води до следниот заклучок.
- Постовите со инспиративна, смешна и практична содржина добиваат најмногу интеракции
Покрај анализата и рангирањето на постовите врз основа на остварените бројки, истражувањето вклучувало и субјективна анализа на топ 500 постови за да се открие кој тип на содржини е најпопуларен меѓу корисниците. Одговорот бил дека тоа се постовите со инспиративна содржина, по што следуваат постовите со хумористична содржина и постовите кои нудат практични поуки и вештини.
Иако најголемиот број од постовите од топ 500 листата може да се класифицираат во рамки на овие три категории (инспиративни, смешни и практични), тоа не значи дека овој тип на содржини е соодветен за Вашата конкретна публика.
Со цел да се има ефективна маркетинг стратегија на која била социјална платформа, треба добро да се согледаат преференците и навиките на сопствената публика и да се запази кои видови на содржини предизвикуваат најмногу интеракции од неа. Треба постојано да се има на ум дека ништо не доаѓа преку ноќ и дека за градење на верна интернет-заедница на следбеници е потребно време и континуирана комуникација базирана врз искреност, доверба и човечност.