Истражувачката агенција eMarketer ги објави резултатите од своето ново истражување за тоа како врз развојот на Фејсбук може да се одрази неодамнешниот скандал со заштита на лични податоци.
Извештајот од истражувањето се осврнува на прашањата кои произлегоа од случајот со Cambridge Analytica и сослушувањата кои следеа.
Главниот заклучок до кој се дојде со истражувањето, според главниот аналитичар Дебра Ахо Вилијамс, е дека скандалот нема да предизвика масовен одлив на Фејсбук корисници.
„Фејсбук е толку голем што е потребно огромен број на корисници да го напуштат за да се почувствува некаква разлика. Според нашите согледувања, во 2017 години Фејсбук го користеле 167.9 милиони корисници во САД на месечно ниво, што претставува 61.1% од сите интернет корисници, односно 86.5% од сите корисници на социјални медиуми.“
Дури и да не се случи #DeleteFacebook, тоа не значи дека други фактори нема да влијаат врз корисниците да го сменат своето однесување. Постои јасно ослабнување во употребата на Фејсбук, станувајќи се’ поочигледна и преку надворешните истражувањата и преку самите соопштенија на компанијата. Ослабнувањето е резултат на повеќе фактори, вклучувајќи замореност кај корисниците на социјални медиуми, загриженост поради лажни вести и намалување на употребата кај помладата популација.
Клучните метрики како „дневни активни корисници“ и „поминато време“ укажуваат на ова ослабнување уште пред скандалот со Cambridge Analytica, а анегдотските докази за намалена интеракција добиваат и поткрепа со прецизни податоци.
Вилијамсон посочи дека Фејсбук превзема одредени чекори за да се соочи со овие проблеми, како што беше редизајнирањето на алгоритмот на почетокот од годината со цел содржините кои се постирани од пријатели и членови на семејството да добиваат предност пред содржините од медиуми и брендови, со што би се успорило ширењето на лажни вести. Но, според неа, „Фејсбук веќе ја достигна својата максимално можна пенетрација во САД.“
Истражувањето се осврна и на други прашања како потенцијалната загуба на приходи поради скандалот, прашања околу таргетирањето на реклами, како и прашања поврзани со заштитата на лични податоци кај Фејсбук и другите социјални платформи.
До целосниот извештај од истражувњето може да се дојде преку следниот линк.
Согледувањата на Вилијамсон поврзани со Фејсбук и скандалот со Cambridge Analytica може да се слушнат во последната епизода на емисијата “Behind the Numbers.”