Имињата кои шведскиот бренд за мебел IKEA ги користи за да ги означува своите производи се всушност имиња на прекрасни природно локации во Шведска – а, тоа не им се допаѓа на шведските туристички работници.
Во новата кампања на шведското туристичко биро Visit Sweden се објаснува дека IKEA ги презела имињата на езера, планини, острови и населби во Шведска и несоодветно ги пренаменила како имиња за тоалетни четки, столици, каучи, полици, ногарки, па дури и канти за отпад.
Како резултат, кога луѓето ги пребаруваат тие имиња на интернет, нив не им се појавуваат езера и планини, туку каучи и столици. Според кампањата, тоа има негативно влијание врз шведскиот туризам и време е туристичките работниците да си ги вратат имињата кои ги презела IKEA.
„Време е светот да осознае дека сите овие имиња им припаѓаат на прекрасни места во Шведска. Затоа, заборавете на IKEA. Откријте ги оригиналите!“ – се истакнува на крајот од централниот видео-спот на кампањата.
Реализацијата на кампањата е остварена со помош на креативната агенција Forsman & Bodenfors и продукциската куќа B-Reel Films.