Бројот на нови корисници на апликацијата за пораки Signal нагло се зголеми во последните денови, приближувајќи се до бројката на поголемиот конкурент WhatsApp, откако апликацијата во сопственост на Фејсбук ги ажурираше условите за заштита на приватноста
Во неделата, апликацијата Signal беше инсталирана од околу 810.000 луѓе ширум светот, скоро 18 пати повеќе отколку на 6 јануари, кога WhatsApp ја ажурираше својата политика за приватност, покажуваат податоците на истражувањето на компанијата Apptopia.
Апликацијата WhatsApp беше инсталирана од речиси 1,2 милиони луѓе во неделата, 7% помалку отколку во средата.
Според новата политика за приватност, WhatsApp има право да споделува кориснички податоци, вклучително и локација и телефонски број, со матичната компанија Facebook, како и Instagram и Messenger.
Застапниците на правото на приватност го критикуваат овој потег, посочувајќи на повремените скандалозни пропусти на Фејсбук во заштитата на податоците на корисниците. Многу активисти предложија корисниците да се префрлат на други платформи.
За да се справи со големиот број нови корисници, Signal во неделата објави дека го зголемил бројот на сервери. До неодамна, оваа бесплатна апликација најмногу ја користеа новинари и активисти за човекови права во потрага по побезбеден и подобар криптиран канал за комуникација.