Минатата недела започна Европското фудбалско првенство за жени, во чиј контекст германскиот бренд за спортска опрема Adidas ја претстави својата нова кампања под наслов “Great Rivals Make Great Motivation” („Силните ривали поттикнуваат силна мотивација“).
Главни ѕвезди во кампањата се две од најдобрите фудбалерки во моментов: Аитана Бонмати од Шпанија и Алесија Русо од Англија. Наместо конфликт, рекламата се фокусира на тоа како нивното ривалство ги мотивира да бидат подобри – да тренираат повеќе, да учат и да напредуваат.
Кампањата, создадена од агенцијата Anomaly, се издвојува по својата емотивна и инспиративна порака. Таа избегнува агресивен тон каков што често се гледа во рекламите за машкиот фудбал и наместо тоа го истакнува духот на почит и фер игра во женскиот спорт.
Покрај Бонмати и Русо, во кампањата се појавуваат и други фудбалерки поддржани од Adidas, како што се Јуле Бранд, Стина Блакстениус, Кадидијату Дијани и Лиа Велти. Сите тие покажуваат како конкуренцијата може да биде поттик за подобрување, без негативност.
Со оваа кампања, Adidas не само што го зајакнува своето присуство за време на големото натпреварување, туку пренесува и инспиративна порака за тоа што го прави женскиот фудбал посебен.