Забраната ја најави Едвин Тонг, постар министер за здравство на церемонијата на отворањето на конгресот посветен на здравство и биомедицина во Сингапур 2019 година.
Забраната ќе стапи на сила следното лето и ќе се однесува на реклами на печатени, електронски медиуми и интернет публикации и онлајн платформи.
Во својот говор, Едвин се осврна на „војната против дијабетесот“, кампања што започна во 2016 година од Министерството за здравство на Сингапур со цел намалување на бројот на заболени од дијабетес во земјата.
Во 2018 година беше објавено дека луѓето во Сингапур консумираат во просек по 12 лажички шеќер на ден.
Покрај забраната за рекламирање на пијалоци со висок процент на шеќер, Министерството за здравство соопшти дека на пијалоците со висок процент на шеќер ќе воведе ознаки и кодови во боја, така што потрошувачите би можеле „да направат избор кој е заснован на вистински информации“.
„На пијалоците со шеќер ќе им се даде оценка за квалитет врз основа на нивната нутритивна вредност“, рече Тонг.
„Етикетата ќе биде задолжителна само за помалку здрави пијалоци со шеќер, а размислуваме на нивната етикета да го истакнеме нивото на шеќер, како и да ги предупредуваме потрошувачите за овие помалку здрави пијалоци со висок процент на шеќер“.
„Повеќе од половина од нашата потрошувачка на шеќер сè уште доаѓа од пијалоци кои се лесно достапни, примамливи и не се скапи. Ова е нешто на кое треба да посветиме повеќе внимание“, додаде Тонг.
Одборот за промоција на здравјето и Министерството за здравство спроведоа јавна расправа за да дознаат какво мислење имаат жителите и засегнатите страни во индустријата во врска со мерките за намалување на содржината на шеќер во производите и утврдиле дека повеќето биле за воведување на вакви мерки.