Автор: Тодор Стојчевски
Младите пуштија крик. Се јавија дека имаат проблем за кој се бара решение. Она што тие го детектираа како проблем, дефинитивно, е и заслужува внимание. Почнаа кампања „Мојата апликација заслужува одговор“, односно апликантите имаат потреба од feedback и од позитивно чувство при добивање одговор…. Секоја чест на храброста, но и на наивноста.
На едно телевизиско гостување, лидерите на оваа акција, делумно, ги детектираа и потенцијалните алиби одговори на компаниите кои, дрско, не им одговараат на апликациите. Рекоа дека една од причините е преголемиот наплив на апликации за одредена работна позиција. Дека чичкото или тетката кај која се гомилаат сите биографии на кандидатите и се задолжени за пред-селекција, пред апликациите воопшто да стигнат до сопственикот на компанијата, не секогаш посветуваат доволно внимание при изборот.
Не велам дека секаде функционира овој принцип, затоа што постојат и компании со посебно одделение за човечки ресурси, кои имаат обврска да комуницираат и со новите кандидати. Всушност, и така треба да биде.Но, нели, не секогаш е.
Искрено, немам намера да им ја одземам надежта на младите дека ќе имаат успех со акцијата. Само сакам да им кажам дека на ист или сличен начин функционираа работите и порано. Времето кога не постоеше интернет и кога апликацијата мораше да се однесе лично или преку стандардна пошта. И тогаш не се знаеше дали воопшто вашата апликација пристигнала на вистинската адреса. Немаше одговор од сопственикот или од секторот за човечки ресурси дали воопшто вашата документација е разгледана и дали ќе бидете повикани на разговор.
Сепак, браво за храброста. Оваа акција на младите треба да се поддржи, но предлагам и да се надгради. Да се почне со нова или да се продолжи со постојната акција во односите меѓу компаниите. Можеби, акцијата ќе биде насловена „Секоја понуда за соработка заслужува внимание“. Дајте и шанса.
Знаете ли колку неодговорени електронски пошти, односно испратени маилови со понуда за соработка, имаат малите и средни компании во приватна сопственост. Или, колку неодговорени пропуштени телефонски повици во желбата да соработуваат со одредена компанија. Може да се нагомила серија ситуации како потврда на кажаното, но доволно се две за илустрација.
Ситуација 1: Воспоставувате првична комуникација со претставник на одредена компанија. Договарате средба во четири очи со надеж дека ќе се воспостави основа за потенцијална соработка. Состанокот, речиси секогаш, завршува со реченицата „Ве молам, пратете ми понуда на електронска пошта и потоа, ќе се видиме и ќе разговараме“. Вие вложувате труд, енергија и време и за жал, никогаш го нема тоа – потоа. Се останува на првата средба и на безброј пратени електронски пошти или неодговорени телефонски повици.
Ситуација 2: Понесени од желбата да правите бизнис и многу пари, се обидувате да се конектирате со првите луѓе на бренд-компаниите. Оние што веќе го живеат „животот“. Мака мачите месец-два или повеќе да добиете контакт со таа личност. Се чувствувате како да барате контакт за средба со англиската кралица, со првиот човек на некој познат светски бренд или… И тоа не е многу загрижувачки се додека не ја видите таа иста персона, како слатко го живее „премногу зафатениот бизнис живот“. Надвор од работниот простор. Верувајте полесно ќе го реализирате обидот за средба со некој светски лик, кој е приземен и пред се, постапува човечки отколку со некои наши бизнисмени. Несфатливо…
Има уште многу ситуации, уште многу да се зборува. Сепак, препорачувам да се почне една системска акција за респект на обидите да се добие работно место или бизнис –зделка. Акција да се воспостави комуникација меѓу луѓето. Да се разбуди етиката на комуницирањето, да се одбегнува Критичкиот родител во „Економијата на контактите“, да се живее нормално. И се да функционира онака како што посакуваме и гледаме.
Предлагам системска акција за човечка – бизнис реакција.