Уште еднаш, овој бренд ќе биде изоставен од листата на оние кои ќе имаат реклама за време на самите натпревари, но ќе бидат и тоа како присутни благодарение на еден интересен проект
Втора година по ред, Skittles нема да емитува телевизиска реклама за време на Супер Боул, но брендот и понатаму ќе има големо маркетиншко присуство на овој настан.
Имено, Skittles подготвува огромен проект за овој настан – вистински бродвејски мјузикл наречен “Skittles Commercial: The Broadway Musical“, кој ќе се одигра само еднаш на 3 февруари, со сеуште непозната ѕвезда.
Сценариото го напиша финалистот за Пулицеровата награда, Вил Ено. Музиката и текстот се на Дру Гаспарини и Натанаил Лојор, а целата кампања е креирана од страна агенција DDB Worldwide.
Билетите за претставата се движат од 30 до 300 долари, а сите приходи ќе бидат донирани за добротворни цели, додека матичната куќа на брендот, Марс Вригли ќе донира дополнителни 50.000 долари на сумата која ќе биде наплатена од билетите.
Спотовите на Супер Боул веќе некое време беа тренд за Skittles. Овој бренд на шарени бонбони имаше три последователни реклами на Супер Боул од 2015 до 2017, а во 2018 година, брендот одлучи да не се појави на малите екрани за време на натпреварите, но направи посебен блокбастер Супер Боул реклама и тоа наменета само за една личност.