Пивскиот бренд Heineken започна иновативна кампања чија цел е да ги охрабри луѓето да ја минимизираат употребата на телефони за време на музичките настани.
Кампањата беше имплементирана на неколку големи фестивали, вклучително и мексиканскиот фестивал „Silver Live Out“ и „Amsterdam Dance Event“ во Холандија, користејќи врвна инфрацрвена технологија за доставување скриени пораки до посетителите. Овие пораки станувале видливи само кога фановите ги подигнувале своите телефони за да ги снимаат настапите, поттикнувајќи ги да ги спуштат истите и едноставно да уживаат во моментот.
Како дел од кампањата била лансирана и апликацијата „Boring Mode“ („Досаден режим“), дизајнирана да ја поедноставни функционалноста на паметните телефони со цел тие помалку да го одвлекуваат вниманието на корисниците. Апликацијата ги блокира известувањата, другите апликации, па дури и камерата за одреден период, давајќи им на корисниците можност целосно да се поврзат со својата физичка околина.
Иницијативата на Heineken, создадена во соработка со креативната агенција LePub, доаѓа како одговор на растечкиот тренд меѓу артистите и фановите кои повикуваат на дигитално „дисконектирање“ за време на музичките настани во живо.