Унгарецот Андрас Арато стана светски познат во 2011 година кога неколку сток-фотографии со неговиот лик станаа едно од најпопуларните “мемиња” во светот, добивајќи го називот “Скриј ја болката Херолд” (“Hide the Pain Harold”).
Препознатливиот лик на “Херолд”, како хумористична визуелна метафора за човек кој се обидува да остане насмеан и покрај сета животна болка, неодамна беше ангажиран од телекомуникациската компанија Vodafone за нивната нова италијанска кампања.
Кампањата се состои од неколку реклами во кои 77-годишниот Арато т.е. “Херолд” се соочува со некои неудобни ситуации, како тоа да му биде украден автомобилот, и тоа откако добива казна за неправилен паркинг.
Но, и покрај сè, добриот “Херолд” се обидува да ја одржи насмевката, главно поради новата програма за лојалност на Vodafone, која на потрошувачите им нуди можност да добијат патување во Дубаи, нов електричен MINI автомобил, L5 телевизор и други потенцијални награди.
За да можат да учествуваат во наградната игра, корисниците треба да собираат поени, наречени “насмевки”.
Кампањата е создадена со помош на дигиталната агенција We Are Social од Милано.