Скулптура на лидерите на Г7 во форма на познатата планина Рашмор, создадена од електронски отпад беше поставена во Корнвол пред самитот на лидерите на Г7. Наречена е „Mount Recyclemore“ во обид да се потенцира штетата предизвикана од фрлањето на електронските уреди.
Скулпторот Џо Раш се надева дека скулптурата ќе покаже дека електронските уреди треба полесно да се направат за нивна повторна употреба или рециклирање. Тој изјавил дека тие треба да се поправат или да траат подолго време, бидејќи отпадот завршува на депонија.
Според извештајот на Обединетите нации, повеќе од 53 милиони тони електричен отпад биле генерирани ширум светот во 2019 година, што претставува повеќе од 9 милиони тони повеќе отколку пред пет години.
Седумте лидери претставени во скулптурата се британскиот премиер Борис Џонсон, јапонскиот премиер Јошихиде Суга, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Марио Драги, канадскиот премиер Џастин Трудо, германската канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Џо Бајден.
Скулпторот Џо Раш објасни дека скулптурата е поставена на високо видлива локација, односно од другата страна на брегот на хотелот Карбис Беј, каде што самитот треба да се одржи викендов, во надеж дека лидерите ќе можат да ја забележат при пристигнувањето на средбата.
„Скуптурата гледа кон нив и се надеваме дека ќе допре до нивната совест и ќе ги натера да сфатат дека сите сме заедно во борбата со отпадот. Клучната порака е „ајде да разговараме едни со други и да го решиме овој хаос“, додаде авторот на делото.