После неколку месеци откако најави дека ќе го промени своето „навредливо“ име, американскиот бренд за сладоледи Eskimo Pie соопшти дека од почетокот на следната година тој ќе го носи новото име Edy’s Pie.
Според компанијата-производител Dreyer’s, новото име е базирано врз еден од нејзините основачи, Џозеф Еди. Исто така, новото име би соодветствувало и со брендирањето на други прехрамбени производи од компанијата кои исто така го користат името Еди.
Терминот „Eskimo“ е напуштен бидејќи се смета за навредувачки кон домородното население од северните арктички региони.
Промената настанува по подигнувањето на расните тензии во САД изминатово лето, надоврзувајќи се на други брендови како производителот на ориз Uncle Ben’s кој го промени името во Ben’s Original и NFL-тимот Washington Redskins кој се преименува во Washington Football Team.