Најголемиот бразилски производител на пиво Ambev, дел од светската пивска корпорација Anheuser-Busch InBev, соопшти дека до 2025 година ќе го доведе своето загадување со пластика до 0%.
По тој повод, компанијата лансираше нова кампања насловена „Dear Trash“ („Драго ѓубре“), чиј централен елемент е сладок анимиран спот кој ја следи приказната на едно пластично шише за вода.
Рекламата отпочнува со сцена во која споменатото шише радосно „оживува“ на производна линија во некоја фабрика. Потоа тоа се наоѓа во рацете на човек кој ја пие водата од него и го фрла туку-така на улица. Поминуваат денови и ноќи, а шишето е многу осамено и тажно. Тогаш поминува друг човек кој собира материјали за рециклирање, меѓу нив го зема и шишето и го носи во фабрика. На крајот, шишето е рециклирано во форма на корпа за отпадоци и повторно се среќава во добриот човек кој го рециклирал.
Рекламата завршува со пораката дека „некои работи остануваат засекогаш“ (имплицирајќи на пријателството, во случајот, меѓу добриот човек и шишето), но „загадувањето со пластика не смее да биде една од нив“.
Спотот е создаден со помош на креативната агенција SunsetDDB, целосно од рециклирани материјали, вклучително и аудиото продуцирано со предмети собрани за време на познатиот бразилски карневал. Од Ambev исто така посочуваат дека 127 тони на пластичен отпад од карневалот во 2020, ги рециклирале во 2,000 пластични корпи за отпадоци во 2021.