Следната недела, од 5 до 9 јуни, во Apple Park во Калифорнија ќе се одржи годишната конференција за девелопери WWDC23 на технолошкиот гигант Apple.
Настанот е место каде што девелопери од целиот свет можат да се сретнат, да научат и да разменат мислења со главните инжинери на Apple. Истовремено, тоа е местото каде што компанијата ѝ овозможува увид на јавноста во развојот на новите софтверски и хардверски иновации кои што нѐ очекуваат.
Се претпоставува дека на овогодишното издание ќе биде претставен новиот софтвер за паметни телефони iOS 17, како и новиот софтвер за паметни часовници WatchOS 10. Исто така се очекува да биде претставен новиот лаптоп MacBook Air 15 и новата серија на моќни компјутери Apple M-Series Mac Pro со силициумски чипови.
Но, она што најмногу ги возбудува фановите е навестувањето дека на настанот ќе биде претставен првиот хедсет за проширена и виртуелна реалност на Apple. Се шпекулира дека тој ќе го носи името Reality Pro и дека ќе работи врз основа на нов оперативен систем познат како xrOS.
Ваквите шпекулации се поткрепени со барања за регистрација на соодветни трговски марки поднесени од сестринска компанија на Apple. Исто така, најавата за годишната конференција на Apple го прикажува нивното лого во неправилна форма и во процес на постојано преобразување, а може да се гледа преку секнирање на поканата со iPhone – проектирајќи се како „проширена реалност“.
Главната презентација на генералниот директор Тим Кук ќе може да се проследи на Apple.com или преку апликацијата Apple TV на 5 јуни во 10 часот наутро по локално пацифичко време, односно во 19 часот попладне по наше централноевропско време.
This year’s Apple AR Experience is pure visual and audio poetry. #WWDC23 pic.twitter.com/73E0NGSnf4
— Tina Nigro ✨ 🥽 (@tina__nigro) May 30, 2023