Минатата недела беше претставен новиот визуелен идентитет на хрватскиот главен град Загреб, избран на јавен конкурс спроведен од Хрватското друштво на дизајнери.
Првата награда во вредност од 15.000 евра ја освои концептот „Slobodan čovjek u slobodnom gradu“ („Слободен човек во слободен град“), чиј автори се Борис Малешевиќ, Катја Малешевиќ и Феѓа Вукиќ.
Победничкиот визуелен идентитет е инспириран од уметничкиот перформанс „Загреб, те сакам“ изведен на 13 ноември 1981 година од хрватскиот уметник Томислав Готовац. Тој ден, точно напладне, Готовац излегол целосно гол низ улиците на Загреб, движејќи се кон тогашниот Плоштад на Републиката (денес Плоштад Бан Јелачиќ), притоа извикувајќи „Загреб, те сакам!“. За време на перфромансот легнал на асфалтот и го бакнал изразувајќи ја својата љубов кон градот. Овој чин траел околу седум минути, по што Готовац бил уапсен поради нарушување на јавниот ред и мир.
„Решението го артикулира идентитетот на Загреб како отворен, светол и горд град и овозможува подобра комуникација со граѓаните и посетителите“, посочуваат од Кабинетот на градоначалникот на Загреб.
Стручното жири составено од Ира Пајер, Нина Бачун, Том Дорештајн, Лука Корлает и Лука Тум едногласно оцени дека победничкиот концепт претставува стратешки цврста основа за визуелниот идентитет на градот, комбинирајќи ја неговата богата традиција со современ дизајнерски пристап.
Инаку, на конкурсот се пријавиле вкупно 59 дизајнерски концепти, а жирито одлучи да награди пет од нив. Второто место му припадна на концептот „Veliko Z“ на студиото Kuna Zlatica, додека третото место му припадна на концептот „Reflection“ – дело на агенцијата Futura DDB. Четвртото место му припадна на концептот „Nove NOVE Tendencije“ од студиото Tutta Forza, а на петто место се најде решението „KVA01“ на Ведран Жиданик. Петте наградени дела можете да ги разгледате на следниот ЛИНК.
Претседателот на Хрватското друштво на дизајнери, Свен Сориќ, најави дека следната фаза ќе биде развој и тестирање на идентитетот за да се осигура неговата примена во контекст на различните комуникациски канали на градот Загреб, вклучително и дигиталните платформи и јавните услуги како што се информациите за распоредот за собирање отпад или апликациите за купување билети за јавен превоз.