Денеска во Хрватска започнува предизборната кампања за претседателските избори која ќе биде најкратка досега и ќе трае само 18 дена, а покрај актуелниот претседател Иво Јосиповиќ, кандидати се и Колинда Грабар-Китаровиќ, Милан Кујунџиќ и Иван Вилибор Синчиќ.
Кандидатот на хрватската Социјалдемократска партија, актуелниот претседател Јосиповиќ кампањата за новиот мандат ја започнува со мотото „Тоа е вистинскиот пат“, со предлози за уставни промени како предуслов за спроведувањето на економските реформи, неопходни за економското опоравување на Хрватска.
Забележувам дека Јосиповиќ, кој важи како фаворит на овие избори, оваа кампања ја надоврзува на претходната, барем што се однесува до користените креативи во предизборието. Носечки елемент на логото повторно е кругот од бои кој беше карактеристичен и во претходната претседателска трка. И овојпат Јосиповиќ ја користи истата маркетинг агенција – Bruketa&Zinic.
Неговиот, се чини најсериозен, противник во претседателската трка, кандидатката на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Колинда Грабар Китаровиќ кампањата ја започнува со мотото „Заедно За подобра Хрватска“. Оваа кандидатка има и одличен веб сајт http://kolinda.hr/ на кој се содржани сите детали на нејзината кампања и начините како граѓаните можат да се вклучат.
Китаровиќ е поранешна министерка за надворшни работи и европски интеграции во периодот од 2005-та до 2008-та година, а од таа година па до 2011-та работеше како хрватски амбасадор во САД, и е првата жена која беше именувана како помошник на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија. Доколку таа победи на изборите, Хрватска ќе ја добие првата жена претседател во својата држава.
Милан Кујунџиќ е претседателскиот кандидат на Сојузот на Хрватска, а по професија е доктор. До 1990-та година не бил член на ниедна политичка организација а потоа станал член на Хрватската демократска партија. Две години подоцна тој станува дел од Хрватската демократска заедница, која ја напушта во јуни 2013-та година и неколку месеци подоцна ја основа партијата Хрватска Зора. Неговото мото во кампањата е “Нова хрватска“ а во креативите го користи и „Наш претседател“ . Неговиот веб сајт е http://www.milankujundzic.hr/
Четвртиот кандидат во претседателската трка, граѓанскиот активист Иван Вилибор Синчиќ на изборите учествува поради тоа што сака да предупреди на проблемот од неможноста за подмирувањето на долговите и враќањето на кредитите во постоечкиот систем, па така и слоганот на неговата кампања е во тој контекст : “За Хрватска. Без должничко ропство“
Кандидатот на здружението „Жив ѕид“ има 25 години, апсолвент по електротехника, а за време на четирите години на активизам и политичка работа бил организатор на многу акции и иницијативи насочени против политичките елити.