Социјалната мрежа Snapchat во рамки на својата апликација воведува нова секција наречена Spotlight, преку која корисниците ќе можат да гледаат непрекината „плејлиста“ на кратки вертикални клипови, слично како кај TikTok.
Од компанијата објаснуваат дека објавите кои ќе им бидат прикажувани на корисниците ќе бидат персонализирани, односно ќе зависат од тоа колку време секој еден корисник поминува во гледање на кратките клипови и како влегува во интеракција со нив.
ТикТок користи сличен алгоритам за секцијата “For You”, но она што ќе биде различно кај Snapchat е што корисниците на вторава социјална мрежа ќе можат да гледаат кратки клипови и од приватни и од јавни профили, додека пак ТикТок презентира објави само од јавни профили.
Клиповите презентирани од приватни профили ќе бидат емитувани без идентитетот на објавувачот и корисниците нема даможат да стапуваат во интеракција со него или да коментираат на објавата.
Spotlight ќе го прикажува корисничкиот идентитет на објавувачот само доколку неговиот профил е јавен, при што останатите корисници ќе можат да коментираат и да стапуваат во интеракција со него.
Објавените клипови ќе треба да бидат соодветни само за публика над 13 години и да вклучуваат хаштагови. Од Snapchat ги охрабруваат творците на содржини да ги користат достапните кративни алатки како звуци, филтери и гиф-анимации. Тие исто така треба да ја употребуваат лиценцираната музика достапна преку Звучната библиотека на Snapchat.
Со цел да ги охрабри корисниците да објавуваат содржини на Spotlight, компанијата објави план за наградување на креаторите на најпопуларните кратки видеа. Snapchat објави дека планира да дистрибуира над 1 милион американски долари на корисниците над 16 години кои ги создаваат најпопуларните содржини, што ќе се одредува врз основа на вкупниот број на уникатни прегледи кои еден корисник ќе ги добива на дневна основа.