Социјалната мрежа Snapchat отсега ќе биде достапна и преку веб-прелистувач, овоможувајќи им на корисниците да ги користат нејзините функции како видео-повици и текстуално „четување“ преку десктоп компјутер.
“Snapchat for Web” првично ќе биде достапно за премиум корисниците на Snapchat+ во Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Австралија и Нов Зеланд. Потоа, компанијата планира да ја прошири својата веб-платформа и до корисниците на Snapchat+ во Европа и Блискиот Исток, пред да бидат вклучени и сите корисниците ширум светот.
Веќе достапни на веб-апликацијата се функциите Chat Reply, Chat Reactions, Photos, Videos, Call и Video Call, при што компанијата се надева во блиска иднина да ги овозможи и своите „фото-леќи“ (Lenses). Пораките испратени преку апликацијата остануваат да важат само 24 часа.
Со цел да започнат со користење на веб-апликацијата на Snapchat, корисниците ќе треба да ја посетат веб-адресата web.snapchat.com и да се најават со својот профил. Откако ќе комплетираат верификационен процес од два чекори, корисниците веќе ќе можат да го користат Snapchat на својот десктоп компјутер или лаптоп.
Од компанијата посочуваат дека одлуката да се развие веб-апликацијата дошла како резултат на откритието дека многу од корисниците често ги користат функциите за гласовен или видео повик. Па, откако добиле голем број на барања за полесен пристап до апликацијата преку веб-прелистувач, компанијата одлучи да ги послуша своите корисници и да им го испорача тоа што го бараат.