Следејќи ги стапките на Twitter и Telegram, социјалната мрежа Snapchat одлучи да воведе премиум ниво со месечна претплата за своите најголеми фанови меѓу 332 милиони дневни корисници на апликацијата, кои сега ќе можат да искусат серија на ексклузивни и експериментални функции во рамки на Snapchat+.
По цена од 3.99 долари месечно, најстраствените корисници на апликацијата ќе можат да ги испробуваат новите функции пред остатокот од светот, како и да добиваат приоритетна поддршка од девелоперите.
Меѓутоа, новото премиум ниво нема да вклучува отстранување на рекламите во апликациијата, кои претставуваат примарниот извор на приход за компанијата.
Опцијата за претплата е веќе достапна за корисниците во САД, Канада, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Австралија, Нов Зеланд, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, со планови за дополнително географско проширување во блиска иднина.