Туристичката промоција на Македонија во иднина ќе се води преку хаштагот #onlyiNMacedonia, соопштија од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) кои го промовираа нивниот нов проект за изработка на туристичка фото – брошура.
Станува збор за фото албум што ќе се креира во текот на целата година и во кој може да учествува секој. Фотографии од најразлични места, предели, традиционални настани и манифестации, луѓе, храна и историја ќе се поставуваат на веб страницата на Агенцијата под одреден, специфичен (карактеристичен) хаштаг активен на Инстаграм.
Главниот # (хаштаг) кој ќе биде водечки и препознатлив е #onlyiNMacedonia, додека дополнителните што ќе го следат се: #TraveliNMacedonia, #captureiNMacedonia, #natureiNMacedonia, #CaptureiNMacedonia, #discovernorthmacedonia. Хаштазите на Инстаграм и на останатите социјални медиуми ќе бидат активни од 19 февруари до 1 декември 2020.
„Фото-албумот е визуелно патување низ прекрасни фотографии кои ја отсликуваат убавината, културата и историјата на нашата земја. Идејата е фото албумот да биде еден од главните промотивни алатки на Македонија на социјалните медиуми, односно под одреден специфичен и карактеристичен хаштаг кој ќе биде активен на Инстаграм. Тематските фотографии ќе прикажуваат различни перспективи на нашата земја, природни убавини, културни и традиционални настани и манифестации, луѓе, историја се она што и дава оргинален и безвремен карактер на Македонија“, изјави директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски.
„Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот оваа година ќе понуди нов пристап на промовирање, ќе се фокусираме на неколку предизвици за да го зголемиме бројот на слободни патувачи. Новите форми на промоција значат и привлекување на нови патувачи, односно АППТ ги прати трендовите и на новите генерации им овозможува поинакво запознавање со убавините на нашата земја“, изјави Јаневски.
Исто така, целокупната промоција во странски медиуми за оваа година ќе биде под хаштагот #onlyiNMacedonia.