Градските власти на Антверп, заедно со маркетинг агенцијата Duval Guillaume спроведоа исклучително паметна кампања за превенција од сообраќајните незгоди и брзото возење по улиците на овој белгиски град.
Акцијата наречена “Selfie Speeding Sign“ во суштина не презентираше никаква нова технологија, туку само ги прилагоди постоечките ресурси на паметен начин кој изгледа допадливо и има голем ефект во локална средина.
Веќе видените знаци за покажување на моменталната брзина на автомобилите кои се движат по улиците и нивната (на знаците) “реакција“ со насмеано/намуртено смајли беа искористени за оваа кампања во која беа вклучени стотици жители на ова градче чии лица ги заменија смајли знаците и донесоа поголем колорит и ефект за самата технологија.
Едноставен, но многу моќен концепт.
Лицата на локалците изгледаат многу поефективни кога ќе Ве “поздрават“ или “прекорат“ додека возите а уште повеќе што тоа се луѓе кои секојдневно ги гледате во Вашето маало (се внимавало на кое место кои лица ќе бидат поставени така што тоа да бидат луѓе од истиот реон или улица). Еве погледнете како изгледаше целата кампања: