На интернет се водат бројни дискусии околу контроверзниот документарец во кој се критикуваат социјалните мрежи, нивното влијание и зависноста што тие ја создаваат.
Еден од документарните филмови што крена голема прашина во последно време е „Social Dilemma“. Објавен е минатиот месец на Нетфликс, а во него поранешни вработени во технолошки компании кои учествуваа во развојот на социјалните мрежи, отворено и многу критички зборуваат за опасностите што тие им ги носат на сите, особено на младите.
Иако ова, се разбира, не е ништо ново, „Social Dilemma“ го покажува начинот на кој Фејсбук се обидува константно да го задржи вниманието на корисниците и да ги бомбардира со содржина што им е интересна, со цел да поминат што повеќе време со таа мрежа. Колку повеќе време поминуваат на Фејсбук, толку е поголема нивната изложеност на реклами, што на крајот значи и поголема заработка на компанијата. Интересен е и начинот на работа на алгоритмот на Фејсбук, кој постојано им прикажува информации и статии на корисниците, пред се` за работи што ги интересираат, а тоа создава зависност – дури и кога се лажни вести и кога тоа влијае на нивното политичко определување.
Но, документарецот оди и подалеку од тоа и предупредува дека употребата на социјалните мрежи може да предизвика граќанска војна, предупредува на зголемен број на самоубиства меѓу младите и дека за прв пат во историјата, човештвото се менува на полошо.
Еден од заклучоците што ни ги даваат луѓето кои го создадоа Фејсбук и алгоритмите наменети да го задржат вниманието на корисниците и да ги принудат постојано да се скролаат по екранот за нова содржина е дека секој треба да биде свесен за зависноста од социјалните мрежи и бројните негативни влијанија на Фејсбук, Инстаграм и другите мрежи. По објавувањето на документарецот, некои корисници дури започнаа да ги бришат нивните профили на Фејсбук и Инстаграм.
По тој повод, Фејсбук објави документ во кој се објаснува во што погрешиле авторите на „Social Dilemma“. Сметаат дека документарецот нуди искривен поглед на начинот на работа на социјалните мрежи. Напоменуваат дека алгоритмот што го користат не се разликува од алгоритмите што ги користат Uber, Amazon, апликациите за поврзување, како и самиот Netflix и заедничко за сите е поврзувањето на корисниците со нивните интереси.
Една од работите што не е иста на Фејсбук и споменатите платформи е што тие не учат работи како што се политичките преференции на корисниците и им ја покажуваат само содржината која мислат дека ќе им се допадне. Исто така, од Фејсбук велат дека нивната цел не е да развијат опции што би го зголемиле времето кое корисниците го поминуваат на нивната платформа и дека по промените воведени во 2018 година, времето што корисниците го поминуваат на оваа мрежа е намалено за 50 милиони часа на ден.
Сепак, како што истакнуваат на CNBC, за време на секоја конференција за инвеститори, од Фејсбук потенцираат дека бројот на дневни активни корисници постојано се зголемува.
Во соопштението се признава дека тие направиле грешки во минатото, особено поврзани со мешањето во изборите во 2016 година, но се нагласува дека оттогаш се преземени бројни чекори за да се спречи ваквите грешки да се повторат.
„Идејата да дозволиме ширење лажни вести на нашата платформа или некако да профитираме од ваквата содржина е погрешна“, стои во соопштението на компанијата.