Социјалната мрежа Google+, која беше формирана во јуни 2011 година, од 2 април престана да постои
Google+ беше лансиран како конкуренција за Фејсбук и Твитер и беше четврти обид од Google да создаде социјална мрежа, но платформата не успеа да ги придобие корисниците.
На почетокот, мрежата беше наменета за одредени корисници за во текот на годината да биде достапна за сите корисници.
Google+ имаше карактеристики типични за социјалните мрежи, со можност за објавување на фотографии и ажурирање на статусот. Google претходно објави дека милиони луѓе ги отвориле своите прогили неколку недели по лансирањето.
“Google+ од првиот ден е предодреден на пропаст”, изјави Мет Навара, консултант за социјални мрежи.
“Проблемите со несоодветен и променлив кориснички интерфејс, кој заостануваше во споредба со гигантите како што е Фејсбук, неповрзано корисничко искуство и гласините за внатрешните несогласувања околу тоа како ќе се користи Google+, сето ова влијаеше на платформата”, истакна Навара.
Google+ спроведуваше строги правила за вистинското име на корисниците и не дозволуваше употреба на псевдоними, а ги бришеше и профилите на брендовите и компаниите. Компанијата подоцна објави дека тоа е грешка и одлучи дека на компаниите сепак ќе им се овозможуваат профили на Google+.
Со желба да го зголеми бројот на корисници, Google ја интегрира мрежата во другите услуги, Gmail и YouTube. По спојувањето, секој што сакаше да ги коментира постовите на YouTube мораше да има сметка на Google+.
Овој потег наиде на нелагодување од успешните Јутјубери, кои сметаа дека нивниот успех се користи во борбата за опстанок на мрежата.
Изгледаше дека мрежата е жива, бидејќи коментарите од YouTube и рејтингот на апликациите на Google Play Store автоматски се става на неа.
“Ги гледам профилите на луѓето кои ги повикав да направат профил и гледам дека нивното присуство е во опсег од ретко до непостоечко”, напиша дописникот на Би-Би-Си, Рори Келен-Џонс во 2011 година.
Се поставуваше прашањето дали 750 милиони луѓе кои во моментов го користат Фејсбук и 100 милиони кои имаат профил на Твитер, ќе се одлучат да се преселат – односно дали им е потребна уште една социјална мрежа во животот.
Во април 2014 година, основачот на Google+ Вик Гундотра ја напушти компанијата и промените се одвиваа брзо.
Следниот обид за привлекување на корисници беше во 2015 година, но и тој беше неуспешен, бидејќи беа откриени два случаи на прекршување на заштитата на податоци, кое беше од суштинско значење за одлуката на гаснење на платформата.
Во 2018 година, Google призна дека поради софтверски грешки, приватните податоци од 52 милиони корисници биле достапни за други организации.