Facebook беше главниот противник на правилата за приватност на Apple, бидејќи веројатно претпоставуваа дека од ова ќе излезат како најголеми губитници, што на крајот и се случи.
На крајот на април, Apple значително ги промени правилата за приватност со iOS 14.5, воведувајќи построга контрола на следењето на корисниците од страна на апликациите. Таа промена им отежна на Facebook, Snapchat, Twitter, YouTube и другите социјални платформи во пласирањето на високо персонализирани реклами.
Компанијата ја објави промената на правилата за приватност во септември минатата година, но тогаш Марк Цукерберг се побуни, па веднаш се навести дека промената ќе има штетно влијание врз многу социјални платформи, што сега го потврдува и студијата на The Financial Times.
Имено, Facebook, Snapchat, Twitter и YouTube изгубија околу 9,85 милијарди долари приход благодарение на политиката за приватност на Apple. Се наведува дека најголем губитник е компанијата на Цукерберг, а со големи загуби може да се “пофали“ и Snapchat кој нема десктоп верзија, па неговото рекламирање најмногу е поврзано со паметните телефони.
„Некои од платформите кои се најмногу погодени од новата политика за приватност на Apple – особено Facebook – мора да ја обноват својата инфраструктура од нула“, изјави консултантот на AdTech Ерик Сеуферт за The Financial Times.
„Моето верување е дека е потребна најмалку една година за да се изгради нова инфраструктура. Новите алатки и софтверски рамки треба да се развијат од почеток и опсежно да се тестираат пред да можат да бидат имплементирани од голем број корисници“, вели Сеуферт.
За потсетување, корисниците на iOS можат да ги проверат поставките за мониторинг и да ги ресетираат претходно дадените дозволи на апликациите во секое време во менито Settings / Privacy, со што избираат кому сакаат или не сакаат да ги „продадат“ своите податоци.