Британската непрофитна организација Campaign Against Living Miserably (CALM) лансираше бесплатна екстенција за Google Chrome која ги отстранува сите веб содржини поврзани со корона вирусот.
Како движење кое се бори против самоубиствата, CALM забележале драстично зголемување на повиците кон нивната телефонска линија за помош и советување по почетокот на пандемијата. Според извршниот директор на организацијата Сајмон Гунинг, следењето на 24-часовниот новински циклус поврзан со корона вирусот може да биде штетно за човековото ментално здравје и душевната благосостојба, бидејќи претставува константен извор на анксиозност и грижа.
„Ние не предлагаме луѓето целосно да ги избегнуваат вестите – важно е да бидеме во тек со последните препораки за безбедност, но ограничувањето на тоа кога и колку вести поврзани со Ковид-19 конузмираме е еден од начините на кој можеме да ги држиме нашите чувства под контрола,“ истакнува Гунинг.
Таканаречениот „Ковид Блокер“ на CALM има за цел да им помогне на луѓето да одморат од стресот и анксиозноста предизвикани од вестите за пандемијата. Екстензијата е достапна во Chrome Web Store и работи на принцип на идентификација и блокирање на сликите и текстовите поврзани со Ковид-19 на кој било посетен веб-сајт.
Кампањата е дело на креативците Метју Батлер и Езраел Алем од агенцијата Adam & Eve/DDB, во соработка со продукциската компанија Gutenberg Global.