Националната федерација на фармери ја најави гастрономската манифестација – Саем на македонска традиционална храна „Создадено со мерак, вкусно до последен залак“, која ќе се одржи во Skopje City Mall (приземје) на 7.02.2026 (сабота).
Настанот е посветен на славењето на автентичните македонски вкусови и промоцијата на домашното, локално земјоделско производство. Посетителите ќе имаат единствена можност на едно место да дегустираат и да купат внимателно подготвени традиционални производи од мали земјоделци и производители од различни рурални заедници низ Македонија.
На саемот ќе учествуваат 35 мали оператори за храна и ќе бидат изложени и понудени: лутеници, ајвар, маџун, мед, мармалади, природни сокови, путери, макала, преработки од овошје и зеленчук, како и многу други домашни специјалитети подготвени според рецепти кои со генерации се негуваат во македонските домови.
Саемот „Создадено со мерак, вкусно до последен залак“ е многу повеќе од гастрономски настан – тој е директна поддршка за малите фармери, промоција на локалната економија и поттик за здрав и одржлив начин на исхрана. Преку директен контакт со производителите, граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со приказните зад производите и да придонесат кон зајакнување на домашното производство.
Настанот е организиран од Националната федерација на фармери во соработка со Skopje City Mall, со поддршка од Шведска и Шведската органзиација за развој We Effect, преку проектот „Организациски развој на НФФ и подобрени пазарни врски за малите фармери и производители од руралните области“.
Ги покануваме сите љубители на добрата храна, традицијата и домашното производство да ни се придружат и да уживаат во вкусовите што се создадени со мерак!









