Меѓународниот фестивал на креативноста Golden Drum ветува вистински визуелен и креативен спектакл на 14 октомври, кога на фестивалската сцена ќе се појават Фреди Ост и Ерик Кокум од култното шведско креативно студио Snask. Нивното предавање со наслов „Make Enemies & Gain Fans“ ќе го преиспита значењето на брендирањето во дигиталната ера.
Golden Drum, како еден од водечките фестивали за креативност во Европа, годинава повторно ги собира најсмелите умови во индустријата, а Snask секако се вклопуваат во тој опис. Нивниот пристап е дрзок, неконвенционален и исполнет со хумор, драма и експлозивна енергија.
Фреди Ост, ко-основач и креативен директор на Snask, важи за визионер кој ги крши сите дизајнерски правила со стил. Неговите дела се препознатливи по интензивната боја, типографијата што „вреска“ и пристап кој не признава компромиси. Тој е гласен застапник за самоизразување преку дизајн и верува дека брендовите треба да бидат смели, автентични и провокативни.
Ерик Кокум, поранешен тапанар во рок-бенд, денес е режисер и мајстор за визуелни приказни. Неговата креативна енергија се прелева низ секој проект, било да се работи за музички спот или корпоративна кампања. Работел со клиенти од најразлични индустрии – од банки до познати музички имиња како The Hives и Viagra Boys – што сведочи за неговата способност да ја адаптира својата уметност кон секој контекст, без да ја изгуби автентичноста.
Заедно, Фреди и Ерик ја претставуваат суштината на Snask – студио што не се плаши да биде гласно, дрско и целосно свое. Во нивното предавање, тие ќе споделат искуства за тоа како се создаваат незаборавни брендови, како се поттикнуваат клиентите да ја надминат комфор-зоната и како дизајнот може да биде алатка за културна промена.
Сцената на Golden Drum на 14 октомври ќе биде обоена во розово, со многу гласна енергија и инспирација – токму она што Snask знае најдобро да го понуди. Оние што сакаат да ја разберат иднината на брендирањето, ова предавање не смеат да го пропуштат.
Повеќе информации за фестивалот и можностите за учество се достапни на следниот ЛИНК.