Coca-Cola никогаш не се воздржувала да си „поигра“ со пакувањето на својот пијалок, како што е неодамнешното додавање на зборот “Enjoy” кон своето лого и актуелната “Share a Coke” кампања. Во својата најнова кампања во Бразил, брендот оствари соработка со филмскиот хит “Avengers: Endgame” и го насочи вниманието кон отворачите на своите лименки, претворајќи ги во колекционерски значки.
Кампањата е дело на креативната агенција WMcCann која најми илустратор од Marvel за да ги нацрта специјалните профили на 12 супер-херои кои се најдоа на лименките, вклучувајќи ги Ironman, Black Widow, Hulk и Thor. Според агенцијата, самите лименки не претрпеле големи измени, туку значките биле изработени одделно со специјални машини и биле само додадени на вообичаените отворачи на лименките.
Шест илјади лименки Coca-Cola со колекционерските значки биле дистрибуирани преку ланецот на кина Cinemark за време на проекцијата на филмот, а биле испратени и до повеќе инфлуенсери. Лименките можеле да се купат и преку веб-сајтот на Coca-Cola.