Голема изложба на дела од реномираниот македонски скулптор Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015) беше отворена на античкиот локалитет Стоби. Проектот е со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, а куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.
Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година. Делата ќе бидат поставени поединечно или во посебни групи/целини на 24 различни точки низ локалитетот, а ќе бидат презентирани и неколку дидактичко-едукативни пунктови, од кои едниот ќе биде простор во кој ќе бидат изложени модели и ситна пластика од студиото на Хаџи Бошков, како и посебен простор за проекција на документарен видеоматеријал, поврзани во еден логичен редослед, по патека што овозможува движење во две насоки. Сите изложени дела се лична сопственост на авторот и ги оставил како наследство на своето семејство.
Проектот е поддржан од Министерството за култура, а иницијативата за реализација на проектот е на Спасе Перовски, директор на Археолошкиот локалитет Стоби, чиешто настојување, меѓу другото, е и да го заживее локалитетот во рамките на долгорочната проектна програма „Стоби – жив град“.
Поставката на локалитетот Стоби со дела од Петар Хаџи Бошков ќе биде отворена до 11 октомври.
Извор/Фото: Министерство за култура/НУ Стоби