Креативна приказна од студентите на Семос Академијата за графички дизајн за ГалИцко фестивал
Младост, креативност, позитивни вибрации, талент, посветеност – одлики на студентите од Академијата за графички дизајн во Семос Едукација, кои годинава имаа несекојдневен предизвик во рамки на студиите – да учествуваат на општествено-одговорен проект за Здружението за организација и одржување настани од културно-забавен карактер ГалИцко!
Настанот под наслов ГалИцко фестивал, „Галичник за Ицко“ што ќе се одржи на 18.06.2022 во Галичник, е во чест на Ристо Меловски – Dj Ицко, кој прерано нè напушти и е во организација на здружението ГалИцко, формирано со цел да го афирмира и продолжи неговото дело. Dj Ицко е познат повеќе од 25 години како Dj, новинар и радиоводител во Антена 5 радио. Беше активен планинар, страстен мотоциклист и маратонец. Под слоганот „Сè што му беше љубов во едно”, настанот ги обединува неговите омилени активности: музика, планинарење и мотоциклизам.
Како започна целата приказна?
„Почнувајќи од 2012 година, Семос Академијата усвои модел на едукација каде студентите работат на општествено одговорни проекти за реални клиенти, целосно интегрирани во наставата и под менторство на професор. Целта е студентите да се поттикнат на совесно творештво и развој на оригинални идеи, да се охрабрат во својот личен раст и развој како дизајнери и да комуницираат со клиент, воедно стекнувајќи специфични компетенции. Овој модел нуди придобивки за сите вклучени страни: Клиент, студент, професор-ментор и Семос Академијата.”- изјави м-р Ангелина Канчевска, Раководител на Семос Академијата за графички и веб дизајн.
Годинава здружението ГалИцко и Академијата за графички дизајн во Семос Едукација ги соединија силите во креативна служба на настанот, соработка од која повторно триумфираа сите страни. Проектот инспирираше мотивација, натпреварувачки дух и докажување на креативноста кај студентите. Почетокот беше поврзан со предметот „Корпоративен идентитет“, каде студентите имаа задача да изработат лого и brand book за здружението, под менторство на професорката Бојана Арсовска, за подоцна по предметот „Форми на графички дизајн“ да дизајнираат постер и флаер за фестивалот, под менторство на професорката м-р Даниела Спасева.
Проектите на 25-те, сега веќе графички дизајнери, заслужено го добија епитетот „генијални решенија“ од страна на клиентот ГалИцко кој имаше навистина тешка задача при изборот на официјално лого и постер за фестивалот. Сепак, логото на студентот Андреј Дамески зад кое стои инспиративна приказна, ги освои симпатиите на здружението.
„Поминав доста време во размислување, истражување и правење на скици за да дојдам до крајното решение. Целта на логото беше да се претстави музиката на Dj Ицко и неговата љубов кон родниот Галичник. Самото лого има неколку значења. Линиите претставуваат планина и ритам, буквата „О” претставува плоча и тркало од велосипед, додека зелената боја е одбрана поради живописноста на Галичник, а сивата ги отскликува планините. Овој проект за мене беше голем предизвик. Сите студенти од генерацијата работевме на оваа задача и конкуренцијата беше голема. Многу ми е мило што клиентот го избра моето лого. Голема благодарност до Семос Академијата што ни овозможи да работиме на ваков проект. “ – изјави Андреј, пресреќен што токму неговото лого ќе се најде на сите промотивни материјали на фестивалот.
Иновативните решенија на студентите го отежнаа и изборот на дизајн на постер за фестивалот што резултираше со избор на два постери, на студентот Мартин Авдиќ за потребите на овогодинешното издание на фестивалот и на Ана Марија Букчевска, дизајн на постер наменет за истоимениот фестивал кој ќе се одржи и наредната година.
„Инспирација добив со истражување и разгледување на повеќе музички постери со тоа што направив комбинација со повеќе симболи (планини, плоча, музички ноти, жолто-портокалов зрак, светла, патека, ѕвезди и звучни бранови). Специфичната патека која е централен дел на постерот води кон Галичник каде ќе се одржува фестивалот, додека за позадина одбрав темно сина боја која асоцира на ноќта исполета со многу музички вибрации од мој аспект преточени во планини, а со жолто-портокаловиот зрак сакав да ја пренесам пораката.“ – објаснува Мартин за својата инспирација за постерот.
Логото, постерот и brand book-от како плодови на успешната соработка помеѓу Семос Едукација и Здружението ГалИцко ќе ги красат промотивните материјали за фестивалот, сцената како и патеките по кои ќе се движат планинарите и учесниците на мото дефилето.
„Бевме пријатно изненадени кога Семос Академијата го прифати нашето барање како дополнителен предизвик за своите студенти од тековната година, а со тоа уште еднаш докажаа дека се општествено-одговорна компанија. Идејата за фестивалот ја започна нашиот драг Ицко, во чие име и чест, сакавме да ја преточиме во реалност. Спонтано, ентузијастички, со измешани емоции и група индивидуалци од различен профил, почнавме да го трасираме патот за успешна реализација на првото издание на ГалИцко фестивалот. Првата препрека на која наидовме беше изгледот на логото, начинот како да се претставиме пред јавноста, а потоа и како да го презентираме самиот фестивал. Токму професионалниот приод на тимот ментори и професори од Семос Академија преку своите студенти ни помогнаа во тоа. А студентите, се приказна за себе во која нема доволно простор да се објасни нивната желба, послушност, трпеливост и креативност, со еден збор ПРЕКРАСНИ луѓе кои едноставно ги сакате во својот тим! Многубројните презентирани решенија на лого и постер, покажаа дека целосно беа разбрани барањата и нашите очекувања како клиент од страна на студентите, воедно следејќи ги начелата што ги стекнале во образовниот процес. За нас, тимот на ГалИцко фестивал, беше голема мака да избереме едно решение. Сите беа уникатни и добри на свој начин со посебен печат од студентот. Голема и неизмерна благодарност до сите студенти, професори-ментори на Семос Академијата за графички дизајн (нашиот рамноправен член на ГалИцко Фестивал тимот)! На студентите им посакуваме многу успех и самореализација, а на Семос Едукација уште многу следни успешни приказни како општествено одговорна компанија “ – со воодушевување изјавија од ГалИцко.
Се гледаме на 18 јуни во Галичник. Понесете си позитивни вибрации, слободен ум и желба за дружење и уживање во прекрасната природа на Галичник!
–
Академијата за графички дизајн и Академијата за веб дизајн на Семос Едукација веќе 11 години
се горд промотер и изведувач на општествено одговорни проекти, развивајќи ја креативноста, емпатијата, оригиналните идеи и хуманоста преку уникатните проекти-творби на генијалните умови на студентите од Академијата. Верификација на Установа за постсредно образование на Семос Компјутерски Образовен Центар Бр. УП113 – 1523 од 19.07.2019 год.
Уписите за академската 2022/23 година се отворени. Бидете дел од наредната генерација на Семос Академијата за графички и веб дизајн и искористете најголем попуст од 20% за уплата до 30 јуни.